Во овој момент, граѓаните имаат можност да изнајмат само електрични тротинети. Но, не е доволно тоа со оглед на тоа што се пропагира, наместо автомобили, алтернативен превоз, кој не загадува и со кој граѓаните би можеле да ги завршуваат обврските брзо, без да бидат дел од сообраќајниот метеж. Некогаш „Градски паркинг“ изнајмуваше велосипеди, но згасна и тој проект пред неколку години. За слична иницијатива размислуваат од ПОЦ, но таа е сè уште во подготвителна фаза  

На Скопје дефинитивно му е потребен еколошки алтернативен јавен превоз, бидејќи автобускиот превоз, очигледно, не може да ги задоволи барањата на граѓаните. Засега во Скопје има можност да се изнајмат само електрични тротинети. Турската компанија „Бин-бин“ го започна проектот пред две години. Обезбеди базни станици преку ЈП „Градски паркинг“ и на скопјани им стави на располагање околу 500 тротинети. Но, не е доволно тоа со оглед на тоа што, наместо автомобили, се пропагира алтернативен превоз, кој не загадува и со кој граѓаните би можеле да ги завршуваат обврските брзо, без да бидат дел од сообраќајниот метеж.

Јавното претпријатие „Градски  паркинг“ изнајмуваше  велосипеди во периодот од 2010  до 2016 година, но се откажа од проектот „Изнајми велосипед“, па во 2021 година донесе одлука да ги продаде сите велосипеди и тротинети што без купени за него. Градските власти се обидоа во 2019 година да го префрлат овој проект – од ЈП „Градски паркинг“ на ЈСП „Скопје“, но без успех.  Оттаму велат дека засега нема никакви индиции за продолжување на проектот.

Последната иницијатива за воведување нов сервис за граѓаните е на ЈП „Паркинзи на Општина  Центар“, од каде што планираат да го продолжат системот за изнајмување велосипеди и електрични тротинети. Но, оваа иницијатива е во подготвителна фаза. Како што велат од ПОЦ, таа е дел од поширок план за унапредување на одржливата урбана мобилност во Општина Центар, со цел да се намалат сообраќајниот метеж, загадувањето и проблемите со паркирањето, а на жителите да им се понуди практична и еколошка алтернатива за движење.

– Во овој период, активно истражуваме примери од други градови, разговараме со потенцијалните партнери и моделираме како би можел да функционира системот најсоодветно во наши услови – објаснуваат од ЈП ПОЦ.

Се планира системот да биде дигитализиран и едноставен за користење.

– Граѓаните ќе можат да изнајмат тротинети и велосипеди преку мобилна апликација. Во иднина, таа иста апликација би можела да ги вклучи и другите услуги што ги нуди нашето претпријатие – наведуваат од јавното претпријатие.

Нагласуваат дека им е битно да биде приспособен системот на вистинските потреби на граѓаните, да биде флексибилен, достапен и еколошки.

– Размислуваме и за зони на достапност, локации за безбедно паркирање на возилата и за модели на наплата, сè со цел да изградиме систем што е од корист за сите, а не да претставува дополнителен товар во јавниот простор – децидни се од центарското претпријатие.

Оттаму додаваат дека сè уште не може да зборуваат за конкретен датум кога би започнало да функционира сето тоа, бидејќи настојуваат проектот да биде добро подготвен, одржлив и ориентиран кон јавниот интерес, а не само за профит. Но, генерално, очекуваат реализација во текот на наредната година.

Од Општина Центар информираа дека има нови паркинзи за велосипеди и тротинети на повеќе локации. Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека ова е дел од континуираните напори на Општина Центар за унапредување на урбаната инфраструктура и за поттикнување одржлив транспорт.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ