Кремљ повторно ги отфрли барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите западни сојузници за брзи мировни преговори со претседателот Владимир Путин, а неговиот портпарол Дмитриј Песков во средата ги истакна другите приоритети.
Путин ќе оди во посета на Кина и се подготвува за економски форум во Владивосток, рече Песков. Путин ќе биде во Кина од 31 август до 3 септември, пред да отпатува на рускиот Далечен Исток за економскиот форум. Песков потврди дека имало постојан контакт меѓу руските и украинските преговарачи од претходните состаноци во Истанбул. Но, додаде дека не е одреден датум за продолжување на разговорите.
Портпаролот на Путин не говореше за можна средба меѓу Путин и Зеленски, која ја објави американскиот претседател Доналд Трамп и беше поздравена од сојузниците. Песков, исто така, одби да коментира за низата изјави за можно решение на конфликтот во Украина.
Што се однесува до идните безбедносни гаранции за Украина што се дискутираат во Европа, Песков само рече дека ова е едно од најважните прашања. Тој повтори дека Русија нема да прифати присуство на војници од членките на НАТО во Украина.
На новинарско прашање на што Русија би била спремна да се согласи, Песков рече дека ова не треба да биде предмет на јавна дискусија, додавајќи дека е прерано да се дискутираат деталите за решението. „Работата не треба да се спроведува јавно, ова е единствениот начин да се постигне резултат“, рече Песков и повторно ги пофали мировните напори на Трамп.