Демократската унија за интеграција (ДУИ) вечерва во Тетово одржа втор состанок на новиот Генерален совет на кој беше одлучено нивниот претседател да учествува на утрешната лидерска средба. Портпаролката на ДУИ, Арта Зендели Биљали по завршување на два ипол часовниот состанок рече дека била донесена едногласна одлука партијата да биде дел од лидерската средба, иницирана од премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Во дебатата којашто следуваше во текот на седницата, особено во врска со лидерската средба, се донесе со едногласна одлука од Генералниот совет како надлежен орган, дека претседателот на Демократската унија за интеграција ќе треба да присуствува и да, тој ќе присуствува на утрешната лидерска средба во клуб на пратеници, истакна Арта Зендели Биљали.
На повеќето новинарски прашања околу тоа какви ставови ќе застапува претседателот на ДУИ Али Ахмети, утре на лидерската средба, портпаролката рече дека тоа ќе биде негово ексклузивно право.
– Тоа остана како ексклузивно право на претседателот на партијата да одлучи, во текот на средбата да го одвива разговорот. Се останува во надлежност на претседателот, рече портпаролката.
Како што соопшти таа, на седницата на Генералниот совет, ДУИ било одлучено да се повика на присоединување на други политички партии кон Демократската унија за интеграција. Според неа, партијата преку соопштение ќе информира за резултатите од повикот.












