На 31 мај и на 1 јуни по четврти пат во Македонски Брод ќе се одржува адреналинскиот фестивал на отворено „Самоков екстрим“. Фестивалот ќе донесе над 200 натпреварувачи во планинско пешачење, возење велосипед, квадрицикл и мототрка за сите вљубеници на адреналинските спортови.

– Фестивалот почнува на 31 мај во попладневните часови кога ќе се подигне официјалниот камп на градскиот стадион во Самоков и започнува пробното возење низ патеките во Поречието – истакна рече Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

Официјалниот дел започнува рано изутрината на 1 јуни кога ќе почнат трките по патеките низ Поречието, со што учесниците и ќе се запознаат со убавините и ресурсите што ги нуди овој крај. Ќе има пешачка, велосипедска тура, АТФ возила, трка со џипови и со мотори. Фестивалот нема натпреварувачки карактер.

– Основната цел е да се запознаеме и да уживаме во убавините на Поречието. Воедно, Македонски Брод нуди можности за развој на алтернативниот, селскиот, хербалниот туризам – нагласи Ристески.

Во попладневните часови на 1 јуни сите учесници ќе имаат заедничко дружење, а на крајот е планирана и голема еколошка акција. Во меѓувреме е отворена листата за пријавување учесници и се очекува да бидат повеќе од лани. Обезбеден е и превоз до кампот во Самоков. Ристески ги покани сите љубители на природата, сите авантуристи, љубители на Поречието, да го доживеат фестивалот „Самоков екстрим“.

 

ИЗДВОЕНИ