Денеска рускиот претседател Владимир Путин, слави роденден. Полни 73 години.
Меѓу првите што му честитаа беше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој во својата честитка истакна дека благодарение на лидерството на Путин, Русија го предводи градењето на нов, мултиполарен свет.
Путин е роден на денешен ден во 1952 година во Санкт Петербург, во обично семејство и во скромни околности.
По дипломирањето на факултет, Путин почнал да работи во државната безбедност. Работел во секретаријатот на Дирекцијата на КГБ, а потоа во единицата за контраразузнавање кога бил забележан од службата за надворешно разузнавање, каде што, по обуката, работел околу 4 и пол години. По уште една обука, заминал во Дрезден, Источна Германија, каде што бил пријавен под лажен идентитет како преведувач, а всушност бил врска на КГБ со источногерманската тајна полиција Штази. Таму останал до 1990 година.
Во својата понатамошна кариера оди се погоре. Од 31 декември 1999 година до 7 мај 2000 година, Путин беше претседател на Руската Федерација, откако Борис Елцин ја објави својата оставка и му ги предаде своите овластувања. На 26 март 2000 година, тој победи на вонредните претседателски избори, на кои се појави како кандидат на група граѓани. Доби 52,94% од гласовите, а инаугурацијата се одржа на 7 мај 2000 година. На 14 март 2004 година беше избран за втор претседателски мандат, кога доби 71,31% од гласовите, како независен кандидат. Функцијата ја презеде на 7 мај 2004 година.
Во 2008 година, Дмитриј Медведев, поранешниот прв вицепремиер, беше избран за претседател на Руската Федерација. На 8 мај 2008 година, Државната Дума го одобри изборот на Владимир Путин за премиер. Истиот ден, тој беше назначен за премиер со указ на претседателот. Тој остана на таа позиција до 7 мај 2012 година. Во тој период, тој беше и претседател на партијата Единствена Русија, иако не беше нејзин член.
На претседателските избори во 2012 година беше реизбран за претседател на Руската Федерација како кандидат на Единствена Русија, со 63,6% од гласовите. Мандатот на претседателот, во согласност со уставните измени од 2008 година, беше продолжен на 6 години. Владимир Путин беше реизбран за претседател и на 18 март 2018 година со 76,69% од гласовите. Се кандидираше како независен кандидат, а инаугурацијата беше на 7 мај 2018 година.
На последните руски претседателски избори одржани на 17 март 2024 година, победи со рекордни 87,28% од гласовите – најмногу во историјата на претседателските избори во Русија. Повторно се кандидираше како независен кандидат, а инаугурацијата беше одржана на 7 мај 2024 година.
Како претседател на земјата, Путин е врховен командант на вооружените сили на Руската Федерација, претседава со Советот за безбедност и Државниот совет на Руската Федерација.