– Новите претприемачи се важен дел од локалниот економски развој, од креирањето на нови работни места и од позитивните промени што ја движат државата напред, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Владината мерка „Самовработување“ од Оперативниот план за 2025 година обезбедува 25 милиони евра, што е двојно повеќе од лани. Со овие граѓани вчера во Влада беа потпишани договорите. За мерката аплицираа 6.045 граѓани, од нив, 3.296 се за лица до 29 години

Вкупно 2.545 граѓани се избрани да ги продолжат своите бизнис-проекти во рамките на владината мерка „Самовработување“ од Оперативниот план за 2025 година, за што се обезбедени 25 милиони евра, што е двојно повеќе од минатата година. Со овие граѓани денеска во Влада беа потпишани договорите. За мерката аплицираа 6.045 граѓани, од нив, 3.296 се лица до 29 години.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, посочи дека високото учество на млади лица до 29 години е особено значајно, кои се препознаени како двигатели на новата економска енергија.
– Новите претприемачи се важен дел од локалниот економски развој, креирањето нови работни места и позитивните промени што ја движат државата напред – рече Дурмиши.
Во 2026 година, младите ќе добијат и дополнителни форми на поддршка за отворање сопствен бизнис и побрзо вклучување на пазарот на труд.
– Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни. Претприемачите се двигатели на економскиот развој, а нашата задача како Влада е да ги отвориме вратите, да ја дадеме поддршката и да создадеме фер, стабилна и мотивирачка економска средина – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, на прес-конференција проговори за клучните проекти за младите кои ги реализира Владата.
– Испраќаме јасна порака, Македонија повторно инвестира во младите. Наместо празни ветувања и политички маркетинг, младите добиваат вистинска и конкретна поддршка за работа, сопствен бизнис и кариерен развој. Со доделувањето на решенијата за самовработување од страна на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на младите во Македонија им даваме јасна насока, мотивација и можност за успех. Мерката во вкупна вредност од 40 милиони евра, со која ќе се помогне на повеќе од 16.000 невработени лица, да се вработат и да креираат додадена вредност во општеството, е дел од јасната стратегија на оваа Влада да изгради силна економија, со силни и независни индивидуи – рече Попов.
Досега се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис-план, а оценети се 2.681, а од нив 1.140 се за млади до 29 години.
– Ова сериозно говори за вратената доверба на младите и за препознавањето на искреноста на институциите. Дополнително за ова доказ е и фактот што решенијата се доделуваат на јавен и на транспарентен начин, за разлика од порано кога никој не знаеше каде завршиле овие пари и кој ги добил. Разликата од минатото е евидентна, со искрена заложба и директна поддршка на премиерот Мицкоски, младите не се оставени заборавени и сами на себе. Напротив, тие се во центарот на сите случувања, носители на промените, двигатели на развојот, генерацијата што ќе ја води Македонија напред – истакна Попов.
Тој нагласи дека целта на оваа мерка е младите да останат во земјава, да работат и да создаваат додадена вредност.












