Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини обезбеди 42,3 милиони денари финансиска помош за ранливите потрошувачи на електрична енергија. На тие што ќе ги исполнат условите од јавниот повик, во текот на 12 месеци ќе им се „минусираат“ по 1.000 денари од сметките за струја.
Рокот за аплицирање по јавниот оглас изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас. Доколку не платат две последователни сметки за потрошена електрична енергија, на корисниците на оваа помош ќе им се укине поддршката
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливите потрошувачи во 2025 година. Огласот е објавен согласно со Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година, објавена со „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/25, со која Министерството обезбеди вкупно 42,3 милиони денари финансиска поддршка.
Право на поддршка имаат домаќинствата со едно или со повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, сосема слепо лице и глуво лице; корисниците на посебен надоместок заради попреченост со навршени 26 години возраст, а без оглед на возраста, согласно со член 44 од Законот за социјалната заштита, чиј вкупен нето-доход, кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно со Законот за данокот на личен доход, на членовите на домаќинството во 2024 година не го надминал износот од 24.500 денари за едночлено домаќинство, 42.000 денари за домаќинство со двајца членови, 60.000 денари за домаќинство со тројца членови и 80.000 денари за домаќинство со четворица и повеќе членови, не сметајќи го посебниот надоместок согласно со Законот за социјалната заштита.
При пресметка на вкупниот доход на домаќинството, кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно со Законот за данок на личен доход, надоместокот заради попреченост не се засметува при пресметката на вкупниот нето-доход на домаќинството. За ранлив потрошувач од точка 1 од овој јавен оглас не се смета лице што го користи правото на цивилна или на воена инвалиднина.
Лицата со категориите од точка 1 од овој оглас се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1.000 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.
За домаќинствата во кои живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, ќе се распределат 2,3 милиони денари од вкупните средства. Деветнаесет милиони ќе бидат наменети за домаќинствата во кои живее лице/лица со најтешка телесна попреченост, 9 милиони ќе се распределат за домаќинствата во кои живее сосема слепо лице и 12 милиони денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинствата во кои живее сосема глуво лице.
Не следува поддршка за лицата со цивилна или со воена инвалиднина или сместени подолго од 30 дена во институции.
Рокот за аплицирање по јавниот оглас изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас. Комисиите составени од по тројца членови ќе ги разгледаат барањата, ќе извршат проверка преку надлежните институции и ќе предложат решенија до министерот. Поддршката започнува од месецот по објавувањето на списокот на корисници и се пресметува на месечната сметка за струја.
Неплатени две последователни сметки доведуваат до укинување на решението за поддршка.
Два нови закона за геологија и рударство на јавен увид
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е во завршна фаза на подготовка на два нови, современи и стратешки важни предлог-закони: за геологија и за рударство. Со нив се заменува постоечкиот Закон за минерални суровини, а нивната подготовка претставува темелна, институционална и стручно заснована реформа, изработена од експерти од самото министерство.
Од 28.07.2025 година, двата предлог-закона се достапни на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи), каде ќе бидат до 28.08.2025 година, за јавен увид и разменување мислења, предлози и забелешки од сите засегнати страни.
– Ги повикуваме сите чинители – експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци – активно да се вклучат. Ова е можност за сите засегнати страни да влијаат врз креирањето на правила што ќе го уредат секторот на геологијата и рударството на долгорочно ниво – велат од МЕРМС.