На форумот во рускиот Сочи, претседателот Владимир Путин иронично изјави дека повеќе нема да испраќа дронови во воздушниот простор на европските градови.
„Повеќе тоа нема да го правам. Не ќе испраќам дронови во Франција, Данска или Копенхаген. Можеби ќе испратам кон Лисабон. Но, навистина, каде уште би можеле да одат? Знаете, некои луѓе секогаш биле фасцинирани од неидентификувани летечки објекти, и таа фасцинација сè уште постои. Европа има свои чудни луѓе, исто како и ние овде. Особено младите – тие секој ден ќе лансираат дронови“, рече Путин.
Навечер, воздушниот сообраќај над аеродромот во Минхен беше привремено прекинат, откако синоќа беа пријавени дронови во близина на пистата. Ова предизвика откажување на 17 летови, што влијаеше на речиси 3.000 патници, додека 15 авиони во пристигнување беа пренасочени кон други аеродроми.
Минатата недела, по слични причини, привремено беа затворени аеродромите во Данска и Норвешка.
На форумот во Сочи, Путин повтори дека Русија нема да испраќа дронови во европскиот воздушен простор и одби каква било одговорност за овие инциденти. Тој истакна дека „хистеријата“ околу руските дронови над Европа е исконструирана за да се сврти вниманието од проблемите на Западот.