Општина Крива Паланка, во соработка со Здружение за рурален развој РЗР „Патник“, со особена чест го најавува 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“, кое ќе се одржи во недела, на 1 март 2026 година, со почеток во 13:00 часот, во дворот на Црква „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница.

Како вистински домаќин, Крива Паланка ги отвора вратите за сите добронамерници и љубители на традицијата, овозможувајќи им да го доживеат празникот на македонските автентични носии и вековни обичаи. Манифестацијата претставува симбол на зачувување на културната автентичност и локалниот идентитет, негувајќи ги вредностите што се пренесуваат од генерација на генерација.

Годинава, настанот ќе биде дополнително збогатен со музички настап на Андријана Алачки и бендот Синтезис, кои ќе внесат топлина, емоција и ритам преку традиционални македонски изведби.

– Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации – изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и упати покана до граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој значаен културен настан, кој претставува гордост за Крива Паланка и поширокиот регион.

ИЗДВОЕНИ