На принцот Ендрју му се заканува казна затвор? Можна истрага во Велика Британија и САД

296

Принцот Ендру, војводата од Јорк, би можел да стане првиот член на британското кралско семејство кој ќе биде формално испитан од полицијата по повеќе од две децении, по обвинувањата дека го злоупотребил својот телохранител платен од даночните обврзници за да собере компромитирачки информации за Вирџинија Џуфре, жената која го обвини за сексуален напад кога била малолетничка.

Според протечените е-пораки, Ендру наводно побарал од својата полициска придружба да ја „истражи“ Џуфре користејќи ги нејзините лични податоци, вклучувајќи го нејзиниот датум на раѓање и број на социјално осигурување – сериозно кршење на законите за приватност на САД, објавува Телеграф.

Потоа принцот го информирал Ед Перкинс, тогашен заменик-секретар за печат на кралицата Елизабета Втора, дека „еден од неговите службеници собрал информации за Џуфре“.

Портпаролот на Скотланд Јард потврди дека случајот е во фаза на разгледување:

„Свесни сме за медиумските извештаи и активно ги разгледуваме изнесените обвинувања“, рече тој.

Можна истрага во САД
Доколку обвинувањата се потврдат, Ендру би можел да се соочи не само со истрага во Велика Британија, туку и со кривична постапка во САД, бидејќи е нелегално да се споделуваат лични информации на некој друг без согласност.

Адвокатот Спенсер Ковин, кој застапувал девет жртви на педофилот и трговецот со луѓе Џефри Епштајн, рече дека таквото дело може да носи сериозни казни.

„Пренесувањето или користењето на број на социјално осигурување без согласност е кривично дело казниво со затвор до 15 години“, рече Ковин.

Тој додаде дека ФБИ треба веднаш да започне истрага и да го замоли Ендру да даде докази:
„САД и Велика Британија не смеат да го заштитат овој ужасен човек. Светот мора да покаже дека правдата е поважна од привилегиите.“

Нов удар врз британската монархија
Случајот доаѓа само неколку дена откако принцот Ендру – под притисок од неговиот брат, кралот Чарлс III – се согласи да се откаже од сите свои титули и почести поради неговата врска со Епштајн и обвинувањата за злоупотреба.

Ова ќе биде првата полициска истрага за член на кралското семејство од 2002 година, кога принцезата Ана, ќерката на кралицата, беше прогласена за виновна според Законот за опасни кучиња откако нејзиното куче Доти касна две деца во паркот Виндзор. Таа се изјасни за виновна во тоа време и плати казна од 500 фунти.

Сепак, сега британската монархија се соочува со многу посериозна работа – можноста принцот Ендру да биде гонет за обид да дискредитира жена која стана симбол на борбата против сексуалната експлоатација во мрежата на Џефри Епштајн.

ИЗДВОЕНИ