На преглед со плик наместо со упат – 39 анонимни жалби за докторски третман

ПАЦИЕНТИТЕ ПРИЈАВИЛЕ МИТО, ИГНОРИРАЊЕ И НЕСООДВЕТНО ОДНЕСУВАЊЕ ВО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

2148

Триесет и деветмина пациенти се пожалиле на анонимната пријава за злоупотреби во здравството, која функционира една недела, на интернет- страницата на Министерството. Проблемите за кои напишале граѓаните најмногу се за: непрофесионално и недолично однесување на медицинскиот персонал, игнорирање на пациентите, барање мито, доцнење со давањето дијагноза и терапија. По поплаките од пациентите, ќе се дискутира во посебно одделение, по што ќе се донесе одлука што понатаму, објасни министерот за здравство, Азир Алиу.

Дека пациентите, освен со нехумани услови во здравствените објекти, се соочуваат и со нечовечки однос од дел од медицинскиот кадар, посведочи  видеото објавено на социјалните мрежи, пред неколку месеци, на кое се гледа и слуша како доктор од Клиниката за урологија вика по пациент, а женски глас обвинува дека докторот не сакал да прими болен во инвалидска количка, со карцином во четврти стадиум. Урологот, за кого требаше да одлучува дисциплинска комисија, тврдел дека бил нападнат и поради тоа така бурно реагирал.

На пријавата на која пациентите можат да пријават проблем со кој се соочиле во здравството, има дел за опис на случката, се бара да се напише во која здравствена установа и доколку има, да се остават и докази, фото, видео или аудиоснимка. Од Министерството објаснуваат дека доколку во некој случај има сомнеж за сторено кривично дело, ќе биде пријавен во истражните институции.

– Ако има елементи за понатамошно процесуирање, ние ќе ги пријавиме овие случаи. Рано е да се именуваат клиники, оти и ние не сме сигурни дека се точни овие информации – појасни Алиу.

Оние поплаки што се однесуваат на недолично и нечовечко однесување на вработените кон пациентите, ќе се проверуваат преку сведоштва или докази.

– За да бидеме сигурни дека се точни тие податоци, имаме канцеларија што се занимава само со овој дел од информациите. Ќе имаме состанок со надлежните во тие институции и ќе дојдеме до одговор дали се точни информациите од поплаките. Ова се првични информации, не значи дека се точни – изјави Алиу.

Алиу минатата недела имаше отворен кабинет за граѓаните. При тоа, слушнал добри идеи, а некои од нив му се пожалиле дека не добиле здравствени услуги.

Во врска со поплаките на дијабетичарите, дека не се согласуваат комисија формирана од Министерството за здравство да им ја ревидира терапијата што претходно им ја препишале специјалисти, Алиу изјави дека реагирањето на политики на здравството базирано на историја е минато.

– Сите политики ќе се базираат на податоци. Затоа лично имав средба со дел од експертскиот тим и ќе излеземе со решение што нема да е на штета на граѓаните и на пациентите. Од друга страна, за да биде комплетен пристапот, мора да ги слушнете сите страни: државата, пациентите, ФЗОМ. Нема да дозволиме да имаат третман што ќе има нусефекти и сакаме да го намалиме тоа. Веќе имаме податоци и пациентите ми ги кажаа сите маки. Колку дејствуваат сензорите, покажува тоа што некои од пациентите ми рекоа дека намалиле со примањето инсулин поради сензорите, што е позитивно и за нив и за државата – изјави министерот за здравство. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ