На пратките од „Тему“, „Шејн“ и „Али експрес“ ќе се плаќа ДДВ

215

Владата до Собранието достави Предлог-закон за изменување на Законот за данок на додадена вредност, со кој се предвидува укинување на досегашното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со вредност до 22 евра. Согласно новите одредби, секоја онлајн нарачка – без оглед на вредноста – ќе подлежи на оданочување, освен ако станува збор за некомерцијални пратки испратени меѓу физички лица.

Со оваа измена, Македонија се приближува кон европските практики, каде што вакви ослободувања беа укинати уште во 2021 година. Новата мерка директно ќе ги засегне граѓаните кои редовно купуваат од меѓународни платформи како „Тему“, „Шејн“ и „Али експрес“, каде што доминираат нискобуџетни производи со цена под 20 евра.

Иако предложениот закон е веќе доставен до парламентот, поради тековниот изборен процес сè уште не се ставени на дневен ред измените. Според проценките, законот би можел да биде изгласан во текот на ноември, а неговата примена ќе започне осум дена по објавувањето во „Службен весник“.

Ова практично значи дека ако предлогот биде усвоен, секоја комерцијална пратка — без оглед дали чини 5, 15 или 21 евро — ќе се оданочува со 18 отсто ДДВ. Исклучок ќе останат само „мали пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице до 22 евра, при што забраната за алкохол, парфеми, тутун и слични производи останува, стои во текстот на предлогот.

Предлогот доаѓа по експлозивниот раст на нарачки преку глобални платформи како „Тему“, „Шејн“ и „Али експрес“…. Само во јуни 2025 година македонските купувачи нарачале околу 250 тони стока, а само за 150 тони се наплатиле давачки од околу 41,7 милиони денари, што значи за пратките до 22 евра не се платиле никакви давачки, покажуваат податоците.

Во моментов на пратките до 22 евра не се плаќаат никакви давачки, на пратките  од 22 до 45 евра се плаќа само ДДВ, а на пратките над 45 евра се плаќа и царина и ДДВ. Со најавените измени, ДДВ би се пресметувал и на сите комерцијални пратки под 22 евра.

Ова значи дека, ако граѓаните не сакаат да платат ДДВ на евтина пратка од странство ќе треба да ги нарачуваат производите поединечно и да внимаваат тие да не надминат вредност од 22 евра. Измените на законот на ДДВ во однос на малите пратки, се очекува да ѝ отвори дополнителна работа на Царината, а на граѓаните ќе им го зголемат времето на чекање за нарачаните производи.

Според анализата на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) во првата половина од годинава македонските граѓани во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 201 милиони евра односно 55,1 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.

Трендот на растот на трансакциите кон странските е-трговци најмногу се поврзува со појавата на „Тему“, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки.

Со овие законски измени земјава се усогласува со европската практика. Европската унија уште во 2021 година го укина прагот за ослободување од ДДВ на комерцијалните пратки со вредност до 22 евра.

 

 

ИЗДВОЕНИ