Од 5 до 7 декември 2025 година, по седми пат, „Викимедија МКД“ организираше викикамп – тридневен собир на ученици, активни википедијанци, членови на викиклубовите од повеќе градови од цела Македонија, кои се дел од образовната програма на здружението. „Викимедија МКД“ еднаш годишно организира викикамп, а оваа година хотелот „Арена“  на Попова Шапка беше локацијата каде што младите активисти за слободни содржини на семрежната енциклопедија ги здружија силите создавајќи статии преку дружба и заеднички уредувања. Со 43 учесници, кампот е единствен од ваков вид настани за младите љубители на знаењето.

Овогодишниот камп, како и изминатите во организација на „Викимедија МКД“, беше тематски и беше посветен на темата „Занаети во светот”. Во текот на кампот, учесниците неуморно работеа, што резултираше со создавање нови 243 статии на македонски јазик на оваа глобална енциклопедија. Покрај практичниот придонес, настанот имаше и силен едукативен карактер.

Учесниците, преку создавање статии, дискусии и предавања, не само што ја збогатуваа Википедија туку имаа можност и да дознаат повеќе за занаетчитството преку едукативни предавања. Предавања одржаа м-р Ненад Шундовски, координаторот за ГЛАМ-програма на „Викимедија МКД“, Орце Нинески, како и Лили Арсова, координатор на „Викиклуб“ Велес. Свои обраќања имаа и претседателот на здружението, м-р Николче Стојаноски, и извршниот директор на „Викимедија МКД“, Снежана Штрковска.

– Оваа иницијатива има за цел да ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик, како и да ги едуцира младите во користење и придонесување кон слободните енциклопедиски знаења. Кампот е само една од поголемиот број проекти и настани кои ги организира „Викимедија МКД“, невладина организација која се занимава со умножување на слободни содржини достапни за секого – посочи  Штрковска.

Како дел од глобалната Фондација „Викимедија“ со седиште во Сан Франциско, „Викимедија МКД“ несебично ги троши своите волонтерски капацитети за да создаде што поголем број бесплатни и добропотврдени енциклопедиски содржини за читателската публика.

ИЗДВОЕНИ