На полиците во маркетите наскоро и кашкавал, сирење, вино… со ознаката „Македонско најдобро“

Кампањата „Македонско најдобро“, која започна по иницијатива на Министерството за земјоделство, освен со домашни земјоделски производи, во иднина ќе биде проширена и со производи од кондиторската и од другите прехранбени индустрии. Од Владата велат дека „Македонско најдобро“ започнала со земјоделски производи, а наредниот чекор ќе биде проширување со кондиторски и со прехранбени производи што се произведуваат во нашата држава. Суштината на иницијативата е да се ориентираат граѓаните кон македонските производи, со цел поттикнување на македонското производство, преработувачката индустрија и економијата

37

Кампањата „Македонско најдобро“, која започна по иницијатива на Министерството за земјоделство, освен со домашни земјоделски производи, во иднина ќе биде проширена и со производи од кондиторската и од другите прехранбени индустрии. Ова го побара бизнис-секторот, а од Владата дадоа зелено светло дека во иднина, освен овошје и зеленчук со ознаката „Македонско најдобро“, ќе се продаваат и сирење, кашкавал, вино, слатко и други домашни прехранбени производи. Целта, како што истакнаа од Владата, е да се стимулира производството на домашни производи, да се зголеми бројот на вработени, да се поддржат домашните компании и економијата.

– Преку кампањата на Министерството за земјоделство „Македонско најдобро“, која е масовно поддржана и позитивно прифатена од трговците и од граѓаните, даваме поттик за македонските производи и производствени капацитети. Постепено треба да ја зголемуваме свеста дека македонските производи навистина се квалитетни и им се конкурентни на сите други производи што доаѓаат од увоз и од Европа. Кога се конкурентни на странските пазари, зошто да не ги поддржиме ние тука нашите прехранбени и земјоделски производи, домашните производи и капацитети, со цел да работат подобро, да вработуваат луѓе и да ги задржиме младите во државата? Тоа не е борба само на Владата туку и заедничка борба на сите нас за да опстои државата, за да има млади работоспособни кадри и за компаниите да немаат проблеми при наоѓањето работна сила. Тоа, од друга страна, ќе придонесе да го зголемиме животниот стандард и да отвориме нови работни места – рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

Тој апелира до синџирите маркети да се поддржи оваа кампања – „Македонско најдобро“, која започна со земјоделски производи, а наредниот чекор ќе биде проширување со кондиторски и со прехранбени производи што се произведуваат во нашата држава.

– Ја поддржуваме кампањата на Министерството за земјоделство за купување домашни земјоделски производи и сметаме дека треба да се прошири иницијативата на целата домашна индустрија, што ќе биде од корист за државата. Поддршката на домашните компании од страна на синџирите маркети е многу значајна, бидејќи и вработените во тие компании пазаруваат во домашните маркети. Ако ги отпуштиме, нашите вработени ќе си заминат од државата со своите семејства и на тој начин и маркетите ќе ги загубат како свои клиенти, потрошувачи. Јас мислам дека е заемна соработката и поддршката што треба да ја имаат домашните компании, треба да ја имаат од синџирите маркети – изјави Глигор Цветанов, сопственик на „Макпрогрес“.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, рече наскоро на полиците во маркетите ќе се најдат и преработки од овошје и од зеленчук.

– Сакаме на нашите полици да се продаваат македонско млеко и македонски преработки од земјоделски производи. Интенцијата и заложбата на Министерството е преку финансирање на ваквиот вид проекти да се поддржат домашните преработки на земјоделски производи и да се поддржат здруженијата што постојат на ниво на државата – истакна Трипуновски.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја нарече кампањата „Македонско најдобро“ патриотски повик за поддршка на домашното производство. Според него, суштината на иницијативата е граѓаните да се ориентираат кон македонските производи, природни убавини и вредности, со цел поттикнување на економијата и зголемување на самодовербата во домашните ресурси.

– „Македонско најдобро“ е патриотска кампања. Македонска кампања, на македонските граѓани, кампања за сите да купуваме македонско затоа што е навистина најдобро. Тоа е суштината на таа кампања. Да ги поттикнеме македонското производство, преработувачката индустрија и јас сум многу среќен што главен двигател на растот на индустриското производство, понатаму и на домашното производство, е токму растот на преработувачката индустрија. Тоа е целта. Сакаме да им кажеме на граѓаните дека македонското е најдобро. И сите да се ориентираме кон македонското. Сите да им се посветиме на македонските езера, на македонските планини, на македонските села, на македонските вино, сирење, кашкавал, месо, преубави се и сè друго. Еве, да се обидеме сите да го правиме тоа и да видиме како ќе биде поинаку сè, и другите повеќе ќе нè ценат – истакна премиерот.

 

 

ИЗДВОЕНИ