Дуќанот за бојосување на кожена галантерија, „Кенан“, кој првично се наоѓал на Градскиот плоштад бил место за многубројни средби и љубовни состаноци и четири децении сведочел за животот на скопјани. Тој не може толку лесно да се избрише од скопската меморија. И денес, старите скопјани со восхит се сеќаваат и раскажуваат за него. – Легенда. Пред Кенан“ за мене и за моето друштво беше пораката за средби и за дружење, а Кенан беше и мајсторот за подновување на чевлите. Фали токму на тоа место! Тоа би било атракција и за скопјани, а особено за туристи – вели стара скопјанка

Пред палатата „Мацура“, во насока на тротоарот и костените на градскиот плоштад, во центарот на градот, се наоѓале два објекта кои се неразделни од славната митологија на Скопје.

Првиот е дуќанот на мајстор Кенан, пред кој, како што наведува скопскиот хроничар, Данило Коцевски, во своите записи имало многубројни средби и љубовни состаноци и четири децении сведочел за животот на скопјани. Дуќанот не може толку лесно да се избрише од скопската меморија. И денес старите скопјани со восхит се сеќаваат и раскажуваат за него.

– Легенда. „Пред Кенан“ за мене и моето друштво беше пораката за средби и дружење, а Кенан беше и мајсторот за подновување на чевлите. Фали токму на тоа место! Тоа би било атракција и за скопјани, а особено за туристите – вели стара скопјанка.

Никола Димитриевиќ, пак, ќе рече: „’Кенан’ во центарот на Скопје, на убаво место, се сеќавам на тоа убаво време“.

Стариот мајстор Кенан, кој е починат, знаел да каже: „Јас и кога ќе умрам, нема да се разделам од плоштадот“.

– Кенан помладиот вели: „Да го оставеа дуќанот на плоштадот, јас ќе го модернизирав и тој сѐ уште ќе беше симбол на градот“. Оној, вториот објект пред палатата „Мацура“, беше металниот застаклен столб на кој се рекламираа филмовите од киното „Култура“. Тој бил поставен во 1937 година, кога киното било изградено. Денес и него веќе го нема, како што исчезна и славниот влез во улицата „Орце Николов“, некогаш препознатлив по функционалната вклопеност во скопскиот плоштад  – наведува Коцевски.

Дуќанот  за бојосување  на кожена галантерија  „Кенан“  почнал да работи на градскиот плоштад уште во 1962 година со одобрение од тогашната Општина Идадија. Како наследник на Кенан Ѓулѓеман, стана Асан Ѓулџеман, најмладиот од петте деца на Кенан, кој го исполни аманетот на таткото.

По речиси половина век работа на плоштадот „Македонија“, во 2004 година, поради реконструкција на плоштадот тој бил преселен на нова локација, кај Железничката станица, каде што сè уште работи веќе 63 години.

Вториот објект препознатлив за Скопје бил металниот застаклен столб пред палатата „Мацура“ на кој се рекламирале филмовите од киното „Култура“. Тој бил поставен во 1937 година, кога киното било изградено. Денес и веќе го нема, како што го нема и дуќанот на Кенан.

И влезот во улицата „Орце Николов“ од страната на скопскиот плоштад, кој бил душата и срцето на градот, со својата складна естетика, со старите скопски палати, со зеленилото, со објектите без кои не можело да се замисли Скопје, исчезна.

 – Вриеше од живот, од повици и смеа на младите, тука беше дел од корзото – запишал Коцевски во своите записи.

Тој се сеќава дека на сиот тој амбиент, просторен здив и ширина му давал паркчето, со огромната модна реклама на „Југопластика“, но и легендарните костени од плоштадот, кои со еден свој дел го оформувале и влезот на улицата „Орце Николов“.

– Не случајно пред тој влез беше и сврталиштето на гулабите, кои им слетуваа на раменици на минувачите. Денес, за жал, тој влез, тој најубав дел од плоштадот, веќе не постои. Нема да верувате, но денес тука сѐ е испревртено – наведува Коцевски.

Во негова близина бил и славниот Куклен театар, со незаборавните претстави „Принцот и просјакот“, „Мачорот в чизми“, „Дејвид Коперфилд“, „Александра“.

– Салата на театарот служеше и за кинопретстави, со филмови од најразлични жанрови, каубојските филмови (со Алан Лед, Џон Вејн, Гари Купер, Роберт Тејлор), но и актуелно снимените филмови, како „Сонцето повторно се раѓа“, според романот на Хемингвеј, или руските бајки („Садко“). Со Куклениот театар и почетокот на улицата „Орце Николов“ е поврзана уште една легенда, која исто, така не смее да се заборави: чистачот на чевли, мајстор Панта. Со своето сандаче за чистење најпрвин се наоѓаше на самиот тротоар, под рекламното пано од киното, а потоа во мал застаклен дуќан во близината. Своевремено, мајстор Панта ми раскажуваше за својата голема љубов кон фудбалот и кон пријателството со фудбалерите на Вардар. По секоја победа, тие доаѓале кај мајстор Панта: прво чистење и светнување на чевлите, а потоа честење во популарната слаткарница „Пошта“, која се наоѓаше подолу од влезот на театарот  –  запишал  Коцевски.

Во близината на слаткарницата „Пошта“, во истиот ред, на просторот зад денешната Арапска куќа, се наоѓала „Пошта бања“. Наспроти зградата на старата пошта, онаа од пред земјотресот. И тие објекти биле препознатлив дел од Пошта Маало.

– Иако стара турска бања, таа беше еден вид бања. Најпрвин можевте да појдете кај бербер. Сакате потстрижување или бричење, а потоа – капење. Ништо помалку славна не беше ниту десната страна на влезот од улицата „Орце Николов“, онаа откај влезот на плоштадот. На самиот почеток се наоѓаше монументалната, денес подзаборавена палата „Мацура“, на познатите браќа трговци Мацура. Во неа имаше аптека, потоа винарска визба и неколку продавници. Во истиот ред беше и познатата бурекчилница. Ако денес разговарате со некого од повозрасните скопјани, тие ќе ви речат (секој според својот вкус, се разбира) дека таа беше најдобрата и најпосетената бурекчилница во центарот на градот. А со неа е поврзан уште еден скопски куриозитет. Ако им помагавте на шиткачите на карти пред киното „Младина“, кои во 1960-тите години беа многубројни, наградата што ви следуваше не беше за потценување – една осмина бурек или трошки бурек завиткани во фишек – раскажува Коцевски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ