Научниците од британскиот универзитет во Рединг во своето последно истражување заклучија дека новите закани за пчелите произлегуваат од војните, употребата на микропластика и уличното осветлување, објавија денеска британските медиуми.
Студијата покажува дека војните, како онаа во Украина, се меѓу 12-те најсериозни закани за популацијата на пчелите во следната деценија, објави Гардијан.
Научниците предупредија дека зголемениот број конфликти ширум светот им штети на пчелите, бидејќи земјите во војна, како Украина, се принудени да одгледуваат помалку култури, оставајќи ги пчелите без разновидна храна.
Истражувачите откриле и дека микропластичните честички ги загадуваат пчелните кошници низ Европа.
Тие испитале 315 колонии на медоносни пчели и откриле присуство на синтетички материјали, како ПЕТ пластика, во повеќето од нив.
Заклучено е и дека поради уличното осветлување инсектите ноќе помалку ги опрашуваат цвеќињата и тоа дури за 62 отсто, а загадувањето на воздухот е еден од факторите кои го загрозуваат опстанокот и размножувањето на пчелите.
Истовремено, студијата наведува и дека антибиотиците и пестицидите кои се користат во земјоделството завршуваат во коприва и мед, а поради нивното присуство пчелите во помала мера ги опрашуваат цвеќињата.
„Идентификувањето на нови закани и изнаоѓањето начини за заштита на пчелите е од клучно значење за да се спречи понатамошно намалување на нивниот број“, рече професорот Сајмон Потс, кој го предводеше истражувачкиот тим.
Тој предупреди дека ова не е само прашање за зачувување, бидејќи пчелите играат централна улога во системите за храна, отпорноста на климата и економската безбедност.
„Со заштитата на пчелите, ние се заштитуваме себеси“, рече Потс.
Авторите на студијата повикаа да се преземат голем број мерки за таа цел, вклучително и построги закони за ограничување на употребата на антибиотици кои му штетат на здравјето на пчелите, префрлување на електрични возила за да се намали загадувањето на воздухот, како и создавање средини богати со цвеќиња во соларните паркови и одгледување растителни видови со поголема содржина на полен и нектар за подобро да се хранат овие инсекти.