Инспекцијата во Хрватска предупреди дека на пазарот има грозје увезено од Италија, кое содржи големи количини на штетни хемикалии. Како што објавува хрватскиот портал Дневник, анализата покажала дека овошјето содржи високо ниво на пестицид ацетамиприд – неоникотиноиден инсектицид.
Примерокот прво го испитувале словенечки инспектори кои откриле дека грозјето содржи 0,23 мг/кг ацетамиприд, што е дури три пати повисоко од дозволеното ниво.
Според податоците од Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), истото италијанско грозје, освен што се продавало во Словенија, завршило и на хрватскиот пазар. Сепак, деталите за тоа каде точно било дистрибуирано во кој било период сè уште не се познати.
Експертите предупредуваат дека ризикот за здравјето на луѓето е сериозен и ги повикуваат потрошувачите да не го консумираат спорното грозје.
Ацетамипридот долго време се поврзува со масовно угинување на пчели низ целиот свет, а неодамнешните научни студии утврдиле дека може да биде многу опасен за луѓето, особено за малите деца, каде што може да предизвика невролошки и развојни нарушувања.