Втора, па и трета работа во зорт од мали плати

Може ли работниците во Македонија да работат по две-три работи или неопходно е да се зголеми минималецот и останатите плати? Ова прашање го отвори новиот гувернер Трајко Славески, кој рече дека не е срамота да се работи дополнителна работа за минимална плата. Овој негов став веднаш наиде на критика од опозициската СДСМ, според која гувернерот нема допир со реалноста и е на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните. Работодавачите не се против заложбите на синдикатите за зголемување на минималната плата, но тоа треба да оди чекор по чекор. За да може работниците да работат втора и трета работа, според нив што поскоро треба да се направат законски измени. Во западноевропските земји и во САД многу наши гастрбајтери работат по две-три работи за да заработат, а тамошните закони тоа го дозволуваат

1785

Во државава сè поголем број работници работат по две-три работи, за да преживеат. Ниските плати и зголемените трошоци за живот кои месечно надминуваат 1.000 евра ги принудија граѓаните да бараат дополнителна работа и да работат и после работното време. Работодавачите со поделени мислења, според едни дополнителната работа е дозволена и во рамките на постојните законски решенија, а според други потребни се законски измени за да може втората и третата работа да биде регулирана и соодветно платена.

Ова прашање го отвори новиот гувернер Трајко Славески кој рече дека не е срамота да се работи дополнителна работа за минимална плата. Според него, таа во ниту една земја во светот не гарантира дека со неа може да се издржува четиричлено семејство. Славески откри дека за време на неговите студии во Америка, тој работел во супермаркет и рече дека „не е срамота“ да се бара дополнителна работа.

Овој негов став веднаш наиде на критика од опозициската СДСМ, според која гувернерот нема допир со реалноста и е на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните.

Од СДСМ велат дека на народот кој секој ден се бори со инфлација, со скапа храна, со растечки трошоци му треба реална плата и заштита од кражбата на маркетите и не може да живее од советите на Славески. Оттаму додаваат дека со отпорот кон замрзнување на маржите и цените тој дава поддршка на профитите на трговските ланци, а не на интересите на граѓаните.

Но, ги запрашавме работодавачите дали работниците може да работат две-три работи или ќе треба да се зголеми минималната и останатите плати. Тие, велат дека не се против заложбите на синдикатите за зголемување на минималната плата, но тоа треба да оди чекор по чекор, а не одеднаш.

-Очигледно е дека сите независни власти, вклучувајќи ја и Народна банка, одат кон тоа да се зголеми стандардот на граѓаните. Новиот Законот за работно ангажирање и Закон за работни односи дозволуваат работниците да работат втора работа и се во насока на зголемени приходи. Ние ги разбираме заложбите на синдикатите за повисок минималец и за тоа дека не може секој да работи две-три работи и сме отворени за преговори за зголемување на минималната плата. Тоа треба да оди постепено и да се договораме во секој сектор посебно. Треба во секој сектор да имаме колективни договори во рамките на кои ќе се договараме за минимална плата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.

Тој додава дека во Конфедерацијата има членки кои се самостојни вршители на дејност и микро и мали компании кои не можат да ја издржат минималната плата и тоа пошироко на територијата на цела држава, бидејќи има региони каде што економската активност е многу намалена.

Меѓу секторите кои се најниски плати се текстилна кожарска индустрија, преработувачка индустрија, трговија на мало….

-Законот за работни односи дозволува да се работи максимум 10 часа неделно кај друг работодавач. Така на пример ако работи полно работно време кај еден работодавач, тогаш кај друг може да работи скратено работно време. Со Законот за работно ангажирање може да се работи дополнителна работа само во земјоделството, угостителството и како куќни помошнички и тоа може да работат само пензионери и студенти. Но, и оваа работа е ограничена од 120 до 160 дена во годината, во зависност од секторот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Тој вели дека неопходни се законски измени за може работниците да работат по две-три работи, бидејќи според сегашната регулатива може да работи дополнителна работа само на црно.

-За да им овозможиме на работниците да работат втора и трета работа потребни се измени на Законот за работни односи со што ќе им се плаќаат и придонеси за здравствени и пензиско осигурување и при одење во пензија придонесите ќе се собираат и работниците ќе имаат поголема пензија. Досега многу работници кои работеа втора и трета работа беа ангажирани со договор на дело. Со оглед на тоа што многу работодавачи имаат потреба од дополнителна работна сила, а на работниците од дополнителен приход за да го зголемат домашниот буџет мораме овие работи што поскоро да ги регулираме, појаснува Димитров.

Според него, ова не е ништо ново во западноевропските земји и во САД многу наши гастарбајтери работат по две-три работи за да заработат и тамошните закони тоа го дозволуваат.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ