На новиот Мухамед Аљи ќе му биде тешко да влезе во штос

Стојанче Ангелов нов директор на ДЗС, кадар на Вреди го замени во ЦУК

903

Стојанче Ангелов стана нов директор на Дирекцијата за заштита и спасување, доаѓа на местото на Џевад Селами кој беше опфатен во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Ангелов бил решение на премиерот Христијан Мицкоски, да ја зајакне институцијата пред летната сезона и ризикот од пожари. Довчерашниот директор на Центарот за управување со кризи, популарен во јавноста со своите видеа од местото на настанот, на својот Фејсбук профил опиша дека ја затекнал институцијата во агонија.

„Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин„ детектирал Ангелов

Дека има слабости во работата и оти секој директор потфрлува во менаџурањето неодамна потврди и Државниот завод за ревизија во извештајот за ДЗС, се правеле сомнителни договори за консултантски услуги, скривниците се запуштени,  нема авиони, пилоти, ПП апарати.

„Морале да ангажираат пилоти со договор бидејќи останале само со еден, поради заминување на пензија на другите двајца. Претходно пак, Агенцијата за цивилно воздухопловство при вонреден инспекциски надзор времено им забранила да ги летаат ер-тракторите поради недостиг од квалификувани пилоти“, констатирал ревизорот

„Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција“ Ангелов најави дека двете институции ЦУК и ДЗС ќе бидат споени во една по НАТО и ЕУ стандарди.

Досега стандардите по кои работеше Дирекцијата се водеа од коалицискиот договор за распределба на ресорите во власта. Не ажурноста се гледа и во јавните набавки каде доминира канцелариски материјали. Неодамна склучиле договор со шпанската фирма Титан Фаерфлајтинг за одржување на воздухопловите во висина од 73 илјади евра, па во моментов ер тракторите се на сервис.

На местото на Стојанче Ангелов во ЦУК дојде кадар на Вреди, Мухамед Аљи , тешко ќе му биде да го следи моето темпо, но верувам дека брзо ќе навлезе во спецификите на менаџирањето со кризи, напиша Ангелов на Фејсбук. На прашањето дали очекува новиот директор на ЦУК Мухамед Аљи од редовите на ВРЕДИ да го следи примерот на Ангелов, Изет Меџити само кусо одговори: „Можеби ќе го надмине“. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ