Американскиот конзулат во Лагос му ја одзеде визата на писателот Воле Сојинка, гласен критичар на претседателот Доналд Трамп, изјави денес Нобеловецот од 1986 година.
„Сакам да го уверам конзулатот… дека сум многу задоволен од одземањето на мојата виза“, изјави на прес-конференција познатиот нигериски драматург и автор.
Сојинка претходно оваа година изјави дека американскиот конзулат го повикал на состанок во врска со обновувањето на неговата виза.
Според писмото од конзулатот до Сојинка, кое го виде „АФП“, службениците се повикаа на прописите на Стејт департментот кои дозволуваат „откажување на неимигрантски визи во кое било време, по сопствено дискреционо право“.
Читајќи го писмото на глас пред новинарите во Лагос, нобеловецот рече дека официјалните лица го замолиле да го донесе пасошот во конзулатот за да може да се откаже визата.
Драматургот, кој има 91 година, има предавано и има освоено награди на водечки американски универзитети, вклучувајќи ги „Харвард“ и „Корнел“.
Администрацијата на Трамп ги направи откажувањата на визите клучен дел од својата борба против имиграцијата, особено насочени кон студентите кои зборуваат за правата на Палестинците, објави „АФП“.












