Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од цела Македонија, на 15 јуни (недела) ќе организира мирен, но, како што велат оттаму, гласен и масовен протест. Тие реагираат поради тоа што не се казнуваат сторителите на грозоморните убиства на кучиња, ставајќи го акцентот на кучето Феликс.
– Феликс, за жал, не е прв случај на грозоморно убиство. Ги паметиме Идриз, Рекс, Белка, Томи, Мила и илјадници други знајни и незнајни жртви на човековите девијантност и пакост. За ниту една од овие жртви не беше изречена затворска казна. Доста е! Време е македонските институции да излезат од вителот на беззаконието и да покажат дека се кадарни да ни обезбедат правда и заштита. На насилните убијци не им е местото на слобода! Тие се закана за безбедноста на секој од нас – реагираат од „Зелен хуман град“.
Тие додаваат дека кога останува едно убиство – најтежок облик на кривично дело – неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество.
– Кога останува убиец на слобода, се губи довербата во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека нема вредност животот, се поттикнува култура на страв и молчење наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира. Кога нема казна, има повторување. Правдата не е избор, туку обврска на секое демократско и хумано општество – порачуваат од „Зелен хуман град“.
(А. П.)