Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во првиот квартал од годинава изнесувал 1.941.996 и е намален за 1,72 % во однос на последниот квартал лани, а зголемен од 0,62 % во однос на тој квартал од претходната година. Пристап до Интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2Г/3Г/4Г), заклучно со март годинава, имале 1.588.395 претплатници, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за електронски комуникации.
Во првиот квартал од 2025 година, претплатниците на мобилен просечно зборувале по 226,57 минути во еден месец и иницирале 101,55 повици. Во фиксната телефонија, пак, во првиот квартал од 2025 година, претплатниците просечно иницирале по 4,90 повици месечно, а зборувале по 11,18 минути.
Регистрирано е намалување на бројот на испратени СМС- пораки во однос на четвртиот квартал од 2024 година, од 12,56 %. Кај вкупниот број испратени ММС-пораки, во првиот квартал од 2025 година има раст од 1,99 % во однос на претходниот квартал и пад од 1,36 % споредено со првиот квартал од 2024 година.
Бројот на претплатници со пристап до Интернет со широк опсег во првите три месеци од годинава изнесувал 547.513, со раст од 0,17 % во однос на четвртиот квартал лани, односно 2,27 % споредено со првиот квартал лани.
Во уделот на претплатници со пристап до Интернет по технологии, во првиот квартал од 2025 година најголем процент, 38,15, биле оние со пристап до Интернет преку јавна оптичка мрежа, по што следуваат оние со пристап до Интернет преку јавна CaTV-мрежа, нивниот удел е 22 %, преку јавна комуникациска мрежа xDSL – 17,82%, LAN-мрежа – 4,02 %, јавна радиокомуникациска мрежа (не се вклучени претплатниците преку мобилните мрежи) 1,29 % и изнајмени линии – 0,36 %.
Индикаторите за пренос на радио и ТВ-сервиси до крајните корисници, пак, покажуваат дека, заклучно со првиот квартал годинава, во државава имало 183.133 претплатници на кабелска телевизија, за 1,73 % помалку во однос на претходниот квартал, додека споредено со првиот квартал од минатата година, има намалување за 7,07 %. Вкупниот број претплатници на ТВ-услуги изнесува 439.061, на IPTV 181.915, на DVB-T – 38.465, а на сателитска телевизија – 35.548.