Градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 ќе се урне и на нејзино место ќе се изгради целосно нов објект со поголем капацитет и занимални. Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека изградбата ќе чини 111 милиони денари и работите очекува да завршат до 1 декември годинава.

Тој истакна дека објектот ќе биде енергетски ефикасен и модерен, за разлика од сегашниот кој е граден по земјотресот.

– За нас е многу важно што во овој нов објект ќе имаме можност да згрижиме што е можно повеќе наши најмлади жители, но во исто време ќе биде енергетски ефикасен и ќе биде многу побезбеден од аспект на запаливост, пожар итн…, имајќи предвид дека овој објект е граден некаде по земјотресот и истиве делови од него се барака – нагласи Јакимовски.

Првиот човек на Oпштината најави дека по изградбата на оваа градинка, ќе почне изградба на уште еден нов објект за градинката „Пролет“.

– Во условите за тендерот ние ставивме дека градежната фирма мора да планира дека ќе работат во две смени. Значи изведбата на објектот треба да биде во две смени.  Децата кои ја посетуваат оваа градинка дел ќе бидат префрлени во други објекти од „Мајски цвет“, а дел, по нашето преселување во општинската зграда, во оние фамозни бараки од Општина Карпош кои ќе бидат пренаменети. Потоа, очекувам да ја урнеме градинката „Пролет“ кај „Канела“, и да изградиме нова градина во Козле – најави Јакимовски.

 

ИЗДВОЕНИ