Во светот, во моментов, има цунами во најава, во промената на работната сила. Ќе имаме дипломи, а ќе нема работа. Затоа, во Македонија треба да се случат значајни модификации во високото образование, смета Антони Пешев, главен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, пред конференцијата „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“.
– Светот, во моментов, мора темелно да се подготви за претстојните трансформации, а ние треба да вложиме максимални напори да ги мобилизираме сите наши ресурси, сè што можеме да употребиме за да имаме квалитетен, повисок одговор на она што ќе ни се случи во скора иднина: огромна преобразба во структурата на работната сила, бран технолошки иновации. Колку и да боли, колку и да изгледа непопуларно, на Македонија ѝ треба квалитет, а не фабрика за печатење дипломи. Тоа е нешто што треба да го научиме – истакна Пешев.
Тој потсети дека во средното образование, 70 % од учениците да се запишуваат во стручните училишта, што кажува дека дојдено е време да се случи таа работа и со универзитетите.
– Ќе останеме со дипломи и без работа. И тоа нека биде сигнал за сите нас дека е време за аларм. Се надевам дека и Владата има разбирање за тој сегмент, заради тоа што се работи за реформа што досега сме ја немале – порача Пешев.
Тој укажа на сѐ поголемото влијание на вештачката интелигенција, која ќе ги одредува професиите и профилите на работна сила и притоа нагласи дека треба да се биде внимателен со нејзиното користење.
– Вештачката интелигенција ја споредуваат со огнот. Тој може да биде извонреден слуга, но ако ние не знаеме да го користиме и контролираме, може да ни се случи да биде многу непријатен господар. Она што го кажуваат најголемиот дел од светските водечки мислители во делот на вештачката интелигенција е дека светот заостанува во дефинирањето на позицијата на вештачката интелигенција во образовните процеси, редефинирањето на работните места и сето она каде би се нашло тоа – додаде Пешев.












