На државава ѝ се потребни 56 години за да го стигне европскиот просек во однос на стандардот и условите за живеење, покажува извештајот подготвен од осум организации од Западен Балкан, кој е фокусиран на приближувањето на земјите од регионот кон Европската Унија, кој го пренесува МИА.
Сепак, постојат многу фактори што може да го забрзаат овој процес, но за тоа е потребно да се завршат работите дома, односно да се спроведат клучните реформи, кои ќе дадат резултат во секојдневното живеење, особено на граѓаните.
– Навидум звучи дека е песимистички овој број, односно многу долг, но постојат многу фактори што може да го забрзаат тој процес и тоа е пораката на која треба да се фокусираме како општество. Во рамките на истражувањето, направени се неколку сценарија, кои кажуваат дали ќе се намали овој период доколку имаме полноправно членство во Европската Унија, имаме пристап до пазарот, имаме пристап до фондови или имаме продолжена институционална поддршка. Сите сценарија, особено во клучните области: економија, социјални политики и дигитализација, ни даваат јасна слика дека ќе се поместат состојбите многу, дури дел од нив ќе се преполоват, доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови – вели Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).
Она кон што треба да се фокусираме како држава е: зголемување на продуктивноста, инвестирање во попаметни социјални трансфери што ќе бидат насочени кон активација, како и инвестирање во дигитализацијата и во инфраструктурата.
Според Митевски, зголемувањето на платите може да влијае за поттикнување на економските текови и за економски раст, но потребно е да биде проследен овој тренд со раст на продуктивноста.
– Растот на продуктивноста може да го постигнеме доколку имаме квалификуван кадар и инвестиција во технологии не само од страна на државата туку и од страна на приватниот сектор. Само зголемување на платите без додадена вредност во општеството, односно на крајниот производ, може да има само контраефект, иако економските параметри покажуваат дека во сегашните услови има простор за зголемување на платите – истакнува Митевски.
Според податоците од извештајот, бруто-платата во земјава е околу 1.000 евра, а тоа е една третина од просечната плата во ЕУ, која изнесува околу 3.000 евра. За да го стигнеме европскиот просек, ќе ни бидат потребни 40 години.
Највисоки плати има во Србија, околу 1.150 евра, на второто место се Босна и Херцеговина и Црна Гора, па Македонија, а малку полоши се Косово и Албанија.
Во однос на бруто домашниот производ, стоиме подобро, бидејќи нашиот БДП е 42 проценти по глава на жител, меѓутоа стапката на раст е побавна во однос на земјите од Европската Унија, што значи дека, сепак, ќе ни треба повеќе време за да го стигнеме овој просек.
Во делот на образованието, државата не стои најдобро, затоа што од вкупно шест индикатори, во четири се оддалечуваме од Европската Унија. Се оддалечуваме од Европската Унија во делот на државното вложување во образованието и во делот на PISA. Единствено имаме напредок во делот на запишувањето студенти на факултетите.
Во делот на здравството и на дигитализацијата, има напредок и постојат шанси да се стигне европскиот просек.
– Ние не сме против ЕУ. Извештајот е направен за да видиме каде сме и што треба да направиме за да се подобриме. Идејата е да видиме како се живее на Балканот, да видиме дали напредуваме, да видиме каде сме релативно добри, а каде не и да видиме што треба да прават политичарите – вели професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.
Извештајот за конвергенцијата на Западен Балкан кон Европската Унија е резултат на речиси едногодишна работа на осумте организации што беа вклучени во неговата подготовка. Тој беше промовиран денеска, на денот кога Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) одбележува 11 години од основањето.