На претстојните локални избори во Македонија ќе учествуваат дури седум кандидати кои се постари од 90 години. Ова е наведено во Прирачникот за локалните избори 2025 година издадена од страна Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество и Фондацијата Конрад Аденауер.
Како што изјавија од Институтот за демократија за весникот ВЕЧЕР се работи за кандидати застапени на листите за советници во одредени општини.
-Најстара е 97-годишната Цветанка Велјанова (МААК, кандидат за советник во Општина Битола), а потоа следуваат 93-годишната – Радмила Јанушевска (МААК, кандидат за советник во Општина Велес), 92-годишниот – Томислав Маниќ (Група избирачи Горан Ѓуровски, кандидат за советник во Општина Центар), 92-годишната – Љубица Олумчева (Твоја партија, кандидат за советник во Град Скопје), 91-годишната – Драгица Стојановска (МААК, кандидат за советник во Општина Кисела Вода), 91-годишната – Стојанка Тортевска (Твоја партија, кандидат за советник во Град Скопје) и 90-годишниот – Трајан Ѓорчевски (Единствена Македонија, кандидат за советник во Град Скопје) – информираат од Институтот за демократија.
Познато е, на претстојните локални избори, има рекордни 312 кандидатури за градоначалници и 575 кандидатски листи за советници. Највозрасниот кандидат, односно кандидатка за градоначалник, е Марија Мајкиќ со 79 години возраст, од партијата Единствена Македонија, која е кандидатка за градоначалник на Општина Гази Баба. Најмлад кандидат за градоначалник е Андреј Димитриевски од Левица, кој со 23 години возраст ќе се бори за градоначалничката функција во Општина Старо Нагоричане. Земајќи ја возраста на градоначалниците, се забележува дека најголем број од нив се во зрели години, помеѓу 40 и 50 години возраст. На локалните избори во 2021 година, најстариот кандидат имаше 89 години.