Најновите наоди од теренските истражувања на неолитската населба Влахо кај Живојно во Пелагонија, која е една од најстарите од овој период во регионот, но и пошироко, според надлежните од Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола се повеќе од импресивни. Оттаму додаваат дека во рамки на 70-ина слоеви присутни во археолошката стратиграфија, се регистрирани мноштво подови од можни 16 неолитски градби подигани или обновувани една врз друга.
– Меѓу нив се открија и остатоци од земуници, огништа и помали печки, како и бројни фрагменти од садови, алатки, мелници и намерно кршени животински коски. Посебен куриозитет се откриените дрвени остатоци во најраните слоеви на населбата, а кои се релативно добро сочувани имајќи ја предвид сувата средина во која тие егзистирале. Овие дрвени остатоци, како и археоботаничките примероци, ќе подлежат на натамошни анализи за да се утврдат нивниот вид и нивната точна старост, а кои може да упатат и на едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа, додаваат од Центарот за истражување на предисторијата.
Археолозите посочуваат и дека годинава се истражуваше во контролна сонда во западниот дел на локалитетот, а со цел да се направи увид во археолошките слоеви и во стратиграфската динамика во овој дел од населбата.
„Истражувањето посочи дека ранонеолитските културни слоеви на овој локалитет се присутни во висина од дури 2.70 метри, што е зачудувачки со оглед на неговата старост и краткотрајноста на населбите во оваа етапа. Тоа значи дека во самите почетоци на неолитот, на Влахо се живеело прилично динамично и долго, што соодветствува и со неговата апсолутна хронологија во периодот меѓу 6400 – 6000 година пр. н. е, додаваат од Центарот.
Следува и втората фаза од проектот во која, посочуваат надлежните, ќе се вршат радиокарбон, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи на органските остатоци, а воедно и детално ќе се проучува материјалната култура. Повеќегодишните мултидисциплинарни археолошки истражувања на локалитетот Влахо се дел од соработката меѓу експерти од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Базел, Институтот Биосенс, Археолошкиот музеј на Македонија и Федералниот институт за технологија во Цирих. Годишните теренски истражувања и лабораториски анализи се поддржани од Министерството за култура и туризам и од Германскиот археолошки институт.
Инаку, локалитетот Влахо во Пелагонија е познат уште од 1970-тите години и внесен во регистарот на археолошки локалитети, како и во „Археолошката карта на Република Македонија“ публикувана во 1994 година. Потемелно почнува да се истражува во 2020 година кога е систематски рекогносциран.












