„На Лисабон му се потребни одговори!“ Потврдена е смртта на 16 лица, пет се во критична состојба

193
EPA/MIGUEL A. LOPES

Португалскиот премиер Луис Монтенегро вчера објави дека 16 лица се потврдени како мртви во несреќата на трамвајот на жичницата „Глорија“ во Лисабон, што се случи во средата попладне, а дека пет лица меѓу повредените се во критична состојба.

Тој вети брза истрага за причините за несреќата, објави португалската новинска агенција Луса.

„Полицијата, јавното обвинителство и владините експерти за транспорт ги истражуваат причините за несреќата“, рече португалскиот премиер.

Во исто време, градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, вчера изјави дека побарал од градската транспортна компанија „Карис“ да спроведе „независна надворешна истрага“ покрај сопствената, внатрешна, со цел да се утврди кој е одговорен за излетувањето на трамвајот од шините.

„На градот му се потребни одговори“, рече градоначалникот во телевизиско обраќање посветено на излетувањето на трамвајот на жичницата, објави АП.

Компанијата „Карис“, која управува со оваа жичница, објави дека започнала сопствена истрага и потврди дека е извршено редовно одржување на целиот систем на жичницата.

Трамвајот-жичница во центарот на португалскиот главен град, позната како „Елевадор да Глорија“, е популарна туристичка атракција, особено во текот на летната сезона.

Жолтата жичница во текот на вечерниот шпиц во средата околу 18 часот по локално време излета од шините и удри во зграда во центарот на португалскиот главен град, додека превезуваше повеќе од 40 лица.

Медиумите претходно објавија дека во несреќата загинале 17 лица, а 21 се повредени.

Овој трамвај-жичница, возило кое се нарекува и фуникулар, е поврзан со челични кабли, каде што вагонот што се спушта помага да се повлече другиот нагоре со својата тежина, а секоја кабина може да смести повеќе од 40 лица.

ИЗДВОЕНИ