Американската скијачка легенда Линдзи Вон, доживеа тежок пад во спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а според француските експерти, примарната цел сега е да се спаси нејзината нога. Четириесет и едногодишната Вон доживеа комплексна фрактура на тибијата за време на последната трка во Кортина. По падот, можеше да се чуе како вреска од болка, и беше евакуирана од патеката прво на носилка, а потоа со хеликоптер.
Специјалистот за колена од Лион, д-р Бертран Сонери-Кот, за „РМЦ Спорт“ изјави дека ваквите повреди се исклучително сериозни и дека во некои случаи можат да завршат со ампутација. Тој додаде дека фотографиите објавени од Вон на Инстаграм покажуваат дека и покрај успешните операции, поставен е надворешен фиксатор, метална конструкција што ја стабилизира коската, што значи дека фрактурата сè уште не е целосно заздравена.
„Повредата е исклучително сериозна, ќе ѝ предизвикува проблеми со месеци, а можни се и доживотни последици“, истакна Сонери-Коте, додавајќи дека ваквите повреди почесто се забележуваат во сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклистите.
Слично мислење изрази и друг француски хирург, Николас Бодрие, кој за весникот Л’Екип изјави дека станува збор за сериозна, можеби повеќекратна фрактура со можно оштетување на кожата, нервите и мускулите. Според него, дури и на помлада личност би ѝ требало околу една година за целосно да се опорави.
Вон, пак, откри дека веќе имала три операции и рече дека не жали што се вратила на скијачката патека, и покрај тоа што го скинала предниот вкрстен лигамент (АЦЛ) само неколку дена пред трката, за што тврди дека не е поврзано со падот.
„Мојот олимписки сон не заврши онака како што сакав. Во спуст, разликата помеѓу совршена линија и катастрофална повреда понекогаш е само неколку сантиметри. Бев само пет сантиметри премногу блиску до портата кога десната рака ми се закачи и ме натера да паднам. АЦЛ и претходните повреди немаа никаква врска со ова“, рече Вон.
Таа додаде дека претрпела комплексна фрактура на тибијата која моментално е стабилна, но ќе бидат потребни повеќе операции за правилно да се поправи. За време на трката, Вон ја фати една од портите со десната страна од телото со голема брзина, по што падна. Вон освои злато во спуст на Олимписките игри во 2010 година во Ванкувер, станувајќи првата Американка на која ѝ успеало тоа.
Во својата кариера, таа забележа 45 победи во спуст и 28 во супервелеслалом, што ја прави една од најуспешните брзи скијачки во историјата на алпското скијање.












