НОВА СКАНДАЛОЗНОСТ ВО СЛУЧАЈОТ СО СМЕНЕТИОТ ДИРЕКТОР |
Доктор Јован Божиновски денеска беше именуван за нов директор на Клиниката за неврологија во ситуација кога по смената на досегашниот Игор Кузмановски поради користење дрога немал ниту важечка лиценца за да може да ги лекува пациентите. Ова нова скандалозност излезе на виделина откако министерот за здравство Азир Алиу вчера соопшти дека за тоа го информирала Лекарската комора на Македонија. Министерот додаде дека за случајот е формирана комисија и побаран е инспекциски надзор по што извештајот ќе биде споделен со јавноста.
На новинарско прашање дали ќе му биде продолжена или издадена лиценца на Кузмановски, Алиу одоговори дека Комората е надлежна за тоа.
-Формирана е комисија од Министерството за здравство, побарав инспекциски надзор за работата на докторот. Се испитува во „Мој термин“ дали во периодот од 15 март, кога му истекла лиценцата, до 8 август, кога станал директор, работел со пациенти. Случајот ќе го испитува и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Повеќе од ова не можам да дадам информации – рече министерот.
Скандалот почна да се расплеткува откако во јавноста се појави видео снимка на која се гледа како директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија и зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице. При расчистувањето на случајот и поставени прашања во јавноста околу одземањето на неговата лекарска лиценца, се појави сознание дека тој немал важечка лиценца.
-Доктор д-р Игор Кузмановски во моментов нема активна лиценца за работа, бидејќи нејзината важност истекла на 15.03.2025, но докторот има поднесено барање за нејзино продолжување. Во однос на последните случување поврзани со д-р Кузмановски, во овој момент може да информираме дека се разгледуваат сите аспекти и се прибираат информации и документација од надлежните институции што ќе бидат разгледани на органите и телата на Комората во најкус можен рок, по што ќе ја информираме јавноста за донесените одлуки и мерките што ќе се преземат – соопшти вчера македонска лекарска асоцијација.
Формално-правно постапката за обновување на неговата лиценца е во тек. Моментно, името на Кузмановски не се наоѓа на официјалниот список на активни лекари објавен на веб-страницата на Комората.
-Јас како министер морам да излезам пред вас со проверени информации, затоа сакам извештај, ќе биде проверено какви услуги здравствени и работа со пациенти имал, па ќе соопштиме – рече вчера Алиу како одговор на новинарско прашање како можел докторот Кузмановски да работи со пациенти од март наваму без лиценца, а за директор беше назначен во август.
Во однос на завчерашното соопштение и поддршка од колегите од Клиниката за Божиновски министерот за здравство објасни дека не дошла од стручниот колегиум.
-Колегиумот воошшто не се состанал деновиве, туку тоа е направено од неколку нивни колеги, кои самоиницијативно и непотпишани ја доставиле до јавноста – рече тој.
Ќе се покрене и дисциплинска постапка
Новиот директор на Клиниката за неврологија, докторот Јован Божиновски, вчера рече дека клиниката е во еден специфичен момент и оти со право македонската јавност е загрижена за сите овие случувања. Посочи дека на негова иницијатива од денеска ќе се формираат две интерни комисии на клиниката, со што ќе се иницира внатрешен стручен надзор над работата на минатиот директор во период од 12 месеци, со цел да се направи објективна проценка за квалитетот на услугите и стручните препораки што тој ги давал. Божиновски рече дека за ексдиректорот ќе биде поведена дисциплинска постапка.
-Досега ниту еден пациент не се пожалил на неговата работа, односно во неговото досегашно досие немало ниедна дисциплинска постапка – рече Божиновски.