Под влијание на циклонска активност со центар над Јонското море, за време на овој викенд (сабота и недела 24/25 мај) времето во Македонија ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат обилни и поројни, проследени со локална појава на грмежи. Локално процесите може да бидат застапени и во форма на невреме.
Локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 30 литри на метар квадратен дожд).
И во Скопје и околината овој викенд ќе биде врнежливо. Повремено врнежите ќе бидат обилни и поројни.
Во исто време пак, од север и од североисток ќе ни се спушта значително поладен воздух кој значително ќе ги спушти температурите на воздухот, и тие ќе бидат значително потпросечни за овој период од годината. Поради падот на температурите, не се исклучува можноста на високите планини (над 2000 метри надморска височина) да имаме и послаби врнежи од снег.
Поголем пад на температурите и значително поладно време ќе имаме особено во недела (25 мај) кога температурите на воздухот преку ден ќе се искачуваат во интервалот само од 10 до 18 степени. Продорот на значително поладниот воздух од север и од североисток овој викенд, ќе биде проследен и со повремено засилен ветер од северен правец.