Нов тендер за доделување на радиофреквенции за мобилна телефонија ќе распише Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) откако на претходниот кој заврши пред десетина дена писма за искажување интерес пристигнале од три компании: ONE Македонија, Bitstrim Mobile и е&PPF Telecom Group. Променети се условите и овој пат, јавниот тендер предвидува доделувањето на радиофреквенциите да биде со јавни наддавање.

Од АЕК наведуваат дека ONE Македонија предложиле измени во условите, вклучувајќи можност за плаќање на рати, попусти за нови оператори, ревидирање на обврските за 5Г покриеност и одложување на почетокот на комерцијално работење. АЕК прифатил дел од нив, меѓу кои е ревидирање на условот за 5Г покриеност, односно сите населени места да бидат со 5Г сигнал до 2032 година. Исто така, дозволено до крајот на 2026 година да се стартува со мрежа во најмалку еден град.

Bitstrim Mobile изразиле интерес за фреквенции што не се опфатени со првичната намера, па АЕК најави дека ќе објави нова процедура за тие опсези. Што се однесува до е&PPF Telecom Group, оттаму сметаат дека минималните надоместоци се преголеми, а од АЕК објаснија дека цените се одредени врз основа на анализа и нема можност за нивно намалување.

А1 Македонија побара став дали АЕК ќе интервенира ако новиот оператор се спои со постоечки. Од АЕК велат дека во сличен претходен случај постапила со цел да се ослободат фреквенции и да се заштити конкуренцијата, и дека така ќе постапи и во иднина.

ИЗДВОЕНИ