Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека пред два месеци му дал на Иран рок од 60 дена да постигне договор за неговата нуклеарна програма, а дека денес е 61-виот ден.
„Им кажав што да прават, но едноставно не можеа да успеат. Сега имаат, можеби, втора шанса!“ наведе Трамп на својата социјална платформа Truth Social.
Во претходна објава на мрежата, Трамп го повика Иран да склучи договор за неговата нуклеарна програма, наведувајќи дека Техеран сè уште има време да спречи понатамошен конфликт со Израел и предупреди дека идните напади ќе бидат уште пожестоки.
Трамп изјави дека веќе имало големи жртви и разурнувања, но дека има време да се запрат убиствата бидејќи следните планирани напади ќе бидат уште побрутални, предупредувајќи ги иранските власти да постигнат договор „што е можно поскоро, пред да биде предоцна“.
Тој, исто така, го повика Иран да се согласи да не развива нуклеарно оружје.
Трамп рече дека му дал на Техеран повеќекратни шанси да постигне договор со САД за иранската нуклеарна програма, но дека Иран не се согласил со договорот. Тој, исто така, потсети дека го предупредил Иран дека неговите нуклеарни постројки ќе бидат нападнати доколку не постигне договор со САД.
Во изјава за телевизијата ABC, тој рече дека нападот на Израел врз Иран бил „одличен“ и дека ќе има уште напади.
На прашањето дали САД се на каков било начин вмешани во нападот, Трамп одговори дека не сака да коментира за тоа.
Израел изврши напади врз Иран преку ноќ, велејќи дека целта на операцијата била нуклеарни постројки, фабрики за балистички ракети и воени команданти, на почетокот од таа операција, за која рече дека имала за цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје.