Делегации од повеќе од 150 земји ќе пристигнат денеска на официјалната инаугурација на папата Лав XIV. во Ватикан, соопшти Светата столица.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни и украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврдија своето присуство на мисата на плоштадот Свети Петар.
Американската делегација ќе ја предводи потпретседателот Џеј-Ди Венс, а планирано е да присуствува и државниот секретар Марко Рубио. Во Ватикан се очекува да престојува и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, објави Ројтерс.
Претставниците на Италија, Перу и САД ќе имаат места во ВИП-ложата, со оглед на тоа што папата има перуанско и американско државјанство.
По тој повод, најверојатно ќе има средби меѓу шефови на држави. Според државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, во тек се напори да се организира билатерална средба меѓу папата Лав XIV и американскиот потпретседател Венс.
Венс последен пат го посети Рим во април и беше последниот политичар што се сретна со папата Франциск пред неговата смрт на 21 април.
Лав XIV стана првиот папа од САД на 8 мај, преземајќи ја улогата на водач на 1,4 милијарди католици ширум светот.