
Ракометната репрезентација на Хрватска забележа уште една победа на Европското првенство, „Коцкестите“ во рамките од 2. коло од главната фаза славеа над селекцијата на Швајцарија со 28:24.
Со оваа победа избраниците на селекторот Дагур Сигурдсон се изедначија со Исланд, Словенија и Шведска на врвот од табелата со по четири бода, што ја прави оваа група супер-возбудлива во пресрет на последните две кола.
И покрај триумфот, ситуацијата за Хрватска стана покомплицирана, бидејќи во истата група Шведска загуби од Исланд и постои можност Хрватска да биде елиминирана, дури и да победи на преостанатите два натпревари. Тоа ќе се случи доколку Исланд и Шведска исто така забележат максимален учинок, поради полошата гол-разлика на Хрватска во нивните меѓусебни дуели. Хрватска има гол-разлика од -7, Шведска 0, а Исланд +7.
Хрватска ќе мора да победува до крајот и да се надева на кикс на своите конкуренти, додека Швајцарија, која треба да одигра уште против Исланд и Шведска, може да биде важен сојузник.
Словенија исто така останува во игра за пласман во полуфиналето. Словенечките ракометари ја добија драмата со Унгарија со 34:32. Одличен натпревар одново одигра Домен Тајник. Ракометарот на Еурофарм Пелистер беше автор на четири гола, а по средбата истакна дека најголемата нивна моќ е добрата хемија во тимот.
„Пред првенството, јавноста не очекуваше вакви резултати од нас. Најголемата моќ на овој тим е добрата хемија, тоа може да се види на теренот. Полесно е кога никој не смета на вас, затоа играме толку добро. Се надевам дека ќе продолжиме во овој стил“, рече ракометарот на Пелистер.
Во следното коло од втората фаза, Словенија ја чека балканско дерби против Хрватска. Унгарија, која ги загуби шансите за нокаут-фаза, ќе игра со лидерот Шведска.
Распоред на натпреварите во последните две кола во групата – утре: Швајцарија – Исланд, 15:30, Словенија – Хрватска, 18:00, Шведска – Унгарија, – 28 јануари: Словенија – Исланд, 15:30, Хрватска – Унгарија, 18:00, Швајцарија – Шведска, 20:30











