На грчки остров со 70 жители пристигнуваат илјадници мигранти – власта не знае што да прави!

1225
video youtube

На островот Гавдос, на крајниот југ од Грција, пристигнуваат сè повеќе мигранти од Либија, предупреди претседателката на општината, локалната самоуправа на тој остров, Лилијан Стефанакис, која вели дека нема никакви услови за нив.

„Тоа е значителен товар“, рече таа во интервју за грчкото јавно радио ЕРТ.

Околу осумдесет километри јужно од Крит, Гавдос има површина од 30 квадратни километри, само 70 жители и неколку продавници. Се наоѓа на 300 километри од либискиот град Тобрук.

„Немаме стручност за управување со овие текови. Мора да се најдат институционални решенија“, рече претседателката на таа општина.

Според крајбрежната стража, само во јуни се регистрирани 2.550 пристигнувања на Крит и Гавдос, од почетокот на оваа година пристигнале 7.300 мигранти, а во текот на целата 2024 година 4.935.

Мигрантите што заминуваат од Либија на овој начин стигнуваат до Европската Унија, а шверцерите ги насочуваат кон Крит и Гавдос веќе неколку месеци.

Крит, исто така, нема кампови за регистрација на баратели на азил и нуди само итен смештај пред да заминат во континентална Грција.

Премиерот Киријакос Мицотакис во понеделник вети дека на следниот самит на ЕУ ќе се осврне на зголемувањето на миграциските текови од Либија и најави дека грчката морнарица ќе пресретнува бродови од Либија.

Претседателката на општината Гавдос изјави дека минатата недела бродот на граничната служба на ЕУ, Фронтекс, ја засилил грчката крајбрежна стража, но дека тоа не било доволно.

ИЗДВОЕНИ