На Газа ѝ се случува геноцидно гладување

108

Петнаесет лица, од кои четири се деца, се жртви на гладот што владее во Појасот Газа за само 24 часа. Според локалните болници, од почетокот на војната од глад во Газа починало вкупно 101 лице, од кои 80 деца. Палестинците гинат и додека чекаат во ред за дистрибуција на хуманитарна помош во храна. Од мај наваму Израелците убиле најмалку 1.000 лица во ред за храна.

– Убиството на цивили кои бараат помош во Газа е неоправдано, изјави највисоката дипломатка на ЕУ, Каја Калас, истакнувајќи дека разговарала со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, за да „разјасни дека израелските одбранбени сили мора да престанат да убиваат луѓе на местата за дистрибуција“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повтори апелите на ЕУ до Израел да дозволи хуманитарна помош во Газа, додека здравствените работници предупредија дека Палестинците се соочуваат со „принуден глад“.

– Сликите од Газа се неподносливи. Цивилите во Газа премногу, предолго  страдаа. Мора да престане сега, рече таа.

Во Газа од глад страда и медицинскиот персонал. Лекарите и медицинскиот персонал за „Гардијан“ велат дека гладувањето и недостатокот на храна ги прави премногу слаби за да им обезбедат итна медицинска помош на пациентите во болниците полни прегладнети и повредени цивили.

– Ова не е глад, ова не е неисхранетост. Ова е принудно гладување, ова е тортура, рече Саира Хусеин, британско-австралиска докторка која моментално работи во болницата Насер во Газа.

Извршниот директор на Светската фондација за мир и експерт за глад, Алекс де Вал, ова го нарече геноцидно гладување.

 

 

ИЗДВОЕНИ