Контроверзниот обвинет во судскиот случај „Синџир“ за даночно затајување и други кривични дела од стопанскиот криминал, Љупчо Пецов викан Ѓаволот, е во домашен притвор откако деновиве сам им се пријавил на органите на прогонот. Ако неговото име претходно беше само уште едно на листата со осомничени за криминал и корупција, јавноста го запозна деновиве, по апсењето на поранешниот правобранител Фехми Стафа, кој, пак, од позиција на адвокат барал и добил пари од неговата сестра, ветени за поткуп на судија од Апелациониот суд што одлучувал по жалбата за притвор.Денеска изненади веста дека Пецов, кој се водеше во бегство, сам се пријавил и, како што тврдат од Судот и од Обвинителството за организиран криминал, има влошена здравствена состојба, за што донел медицинска дијагноза.
– Надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред Судот, наместо мерка притвор, предложи да му се определат мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката – кажал обвинителот пред судијата на претходна постапка, по што тој му определил на обвинетиот мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно му се одземени и двете патни исправи.
За потсетување, апелационите судии Ѓоко Ристов (претседател на Кривичниот совет), Габриела Гајдова и Лидија Зимбовска (членови на Советот), се судиите што на втори месецов одлучувале за жалбата за притворот на обвинетиот Љупчо Пецов викан Ѓаволот и ја одбиле како неоснована. Пецов претходно во Судот понудил гаранција од милион евра и медицински документи дека има камења во жолчката. Од ОЈОГОКК не добивме објаснување што придонело за влошување на неговата здравствена состојба, ако кривичната тројка од второстепениот суд во решението за одбивање на жалбата од пред десетина дена напишала дека може во затвор да се лекува во апчиња.
– Одбраната на лицето за кое покажувате интерес достави до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје предлог за изменување на определената мерка притвор во поблага мера, укажувајќи на нарушената здравствена состојба на лицето, кое веќе било на болничко лекување поради истата и на кое му било препорачано понатамошно лекување. ОЈО ГОКК, ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот што лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката – објаснуваат од Обвинителството.
Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие, преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра. (П.А.)












