| Весникот ВЕЧЕР следи како се спроведува новиот систем за влез во ЕУ – ЕЕС |
На граничниот премин Евзони почна електронското регистрирање на податоци на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани што патуваат со сопствени возила, но само на барање на патниците. Се работи за патници кои често патуваат во земјите од Европската Унија и притоа обично го користат авионскиот превоз. Како што за весникот ВЕЧЕР појаснуваат вработените на граничниот премин, овие патници тоа го прават со цел при идните патувања да ги избегнат проблемите со електронска идентификација на аеродромите ширум Европа. Сепак, сè уште, поголемиот дел од патниците кои влегуваат во Грција и во наредниот период ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено, овој, но и сите гранични премини кон Грција, не преминат кон целосна дигитална евиденција.
Како што дознава весникот ВЕЧЕР, електронското евидентирање на поголемиот број патници кои влегуваат во Грција треба да започне во првата половина на месец декември и тоа постепено. Како што велат нашите извори, во декември би се евидентирале дневно по 35 отсто од патниците кои ќе се пријават за влез во Грција, сметајќи го претходниот тримесечен просек на патници кои поминале на граничниот премин Евзони. Така, во тој месец електронски би се регистрирале околу 250 патници дневно, или околу 100 возила. Се разбира, овој просек би се зголемувал секој нареден месец.

На пунктовите за регистрација на граничниот премин Евзони, на кои е веќе инсталирана соодветна опрема, патниците ќе поминуваат низ целосен процес на регистрација, кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување на податоците од пасошот. Предвидено е целиот процес да трае само неколку минути, но во почетните месеци се очекуваат одложувања и подолго чекање, зашто сите патници ќе треба да поминат низ првичната регистрација. Токму затоа воведувањето започнува во есенскиот, а не во летниот период, за да има време целиот процес да биде разработен до април 2026 година.
Како што е познато, од 10 април 2026 година, печатите во пасошите ќе бидат заменети со електронски записи, а сите членки на Шенген-зоната ќе го користат ЕЕС на своите надворешни граници – копнени, воздушни и поморски. (Љ. А. )












