Комесарот за одбрана на Европската унија, Андриус Кубилиус, изјави дека на ЕУ ѝ е потребна воена сила од 100.000 војници и рече дека Унијата треба да го реформира начинот на кој се справува со одбраната на политичко ниво, како и дека на Обединетото Кралство треба да му се даде место во одбраната на ЕУ.
Тој посочи дека во „светлината на руската агресија во Украина“ и напорите на САД да го загрозат Гренланд, се залага за нова концепција за заедничка одбрана на Европа, објавува порталот Политико.еу.
– Дали САД би биле воено посилни ако имаа 50 армии на ниво на држави, наместо една федерална армија? Педесет државни одбранбени политики и одбранбени буџети на ниво на држави, наместо една федерална одбранбена политика и буџет? Ако нашиот одговор е „не“, нема да бидат посилни, тогаш што чекаме ние? – изјави Кубилиус на обраќање на Безбедносна конференција во Шведска.
Кубилиус рече дека подготвеноста на Европа за одбрана зависи од три фактори: повеќе инвестиции во производствени капацитети, институции кои се подготвени и организирани и политичка волја за одвраќање и доколку е потребно, борба против потенцијални непријатели
Според него, самото зголемување на финансирањето за постојниот одбранбен систем на Европа нема да ги исполни овие барања.
– Мора да почнеме да ги инвестираме нашите пари на начин што ќе ни овозможи да се бориме како Европа, а не само како група од 27 национални „бонсаи армии“. Жан-Клод Јункер, Емануел Макрон и Ангела Меркел веќе предложија моќна, постојана европска воена сила од 100.000 војници – заклучи Кубилиус.












