На Елена Андоновска ѝ „никнало цвеќе шарено“ – пред концертот на 15 декември во МОБ – А, ова е новата видеоприказна на познатата членка на „Танец“

216

Горда мајка на тројца синови и пејачка со глас на славеј! 

Добро познатата и убава македонска фолк-пејачка Елена Андоновска вели дека деновиве, освен што се чувствува супер, е и многу вредна на професионално поле. Пејачката со глас на славеј деновиве сними и објави видео на својот јутјуб-канал, со преубави македонски народни песни.

Станува збор за видеоприказната „Никнало цвеќе шарено“, при што љубителите на овој вид музика, едноставно кажано, уживаат не само во песните туку и во нејзиниот бисерен глас. За целосна реализација на проектот била ангажирана продукцијата „Moonlight“, под чија координација работеле повеќемина врвни професионалци. Продуцент и сценарист е Марјан Андоновски (сопруг на убавата пејачка), режијата и монтажата се на Димитар Сеизов, директор на фотографија е Дарко Елек, а сниматели Петар Јованов и Андреј Неделковски. Музички продуцент е Ангел Ќосев, како и музичкото студио Подрумот. Гостин во видеото е Влатко Ѓорѓиев на кавал и на зурла, но и артистите Марија Вељаноска и Марко Дошев. Освен насловната како прва на листата со песни, меѓу другите се и: „Мома врви крај гора зелена“, „Врба ми изникнала“, „Долетале два галаба“, „Каде се чуло видело“, „Изникна ми бадем дрво“, „Гугутка гуга“…Елена од 2007 година е дел од Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“. Во 2010 година ја започна својата педагошка работа во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, како наставник по народно пеење, а од 2012 година работи и како демонстратор на Катедрата за етнокореологија при ФМУ – Штип. По професија е, всушност, етнокореолог.Во приватниот живот е сопруга на саканиот ѝ Маријан, кој исто така е дел од „Танец“. Горда мајка е на тројца синови, три македонски јунаци: Лазар, Јосиф и Андреј. Машала! На сцената првпат застана на осум години, како член во едно културно-уметничко друштво. На четиринаесет години започна со солистички изведби на македонски народни песни. Прва песна ѝ беше „Босо моме“. Досега има многу впечатливи настапи, вклучувајќи ги и концертите што им беа посветени на музичките легенди Јонче Христовски и Васка Илиева. Минатата година, Елена ја промовираше песната „Тапан чука, мила мамо“ со видеозапис, а во чест на празникот Илинден.

Сега, во овој период пред новогодишните и божиќните празници, таа грижливо работи и на најновиот музички материјал со групата „Седенка“. Пејачката постојано плени со својот занесен изглед, со насмевката на убавиците од модните списанија и со комуникативноста со новинарите, за кои вели дека никогаш не ги заборава, бидејќи се составен дел од кариерата на секој уметник. И точно е тоа.Со задоволство да потсетиме дека Елена за овој 15 декември најавува голем солистички концерт во МОБ, во организација на „Прагма продукција“. На сцената ќе ги испее во живо своите најголеми хитови, но и ќе приреди низа музички изненадувања специјално подготвени за публиката, новинарите и за критиката, која, да се обложиме, ќе биде, исто така, воодушевена. А кој не е?! Па, не напразно луѓето коментираат на социјалните мрежи дека е убава Елена, дека убаво пее, дека има чист глас и златно грло, како славеј пиле. Биди ни секогаш од Господа благословена и продолжи да ја негуваш македонската песна.

 (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ