Нашето најмало природно езеро, Дојранското, веќе цела година е со ниво на водата од околу 80 сантиметри под дозволениот минимум. Дека се празни езерото, видливо е по тоа што се повлекува водата. Ако до пред неколку години водата беше до кејот и шеталиштето, сега е десетина метри повнатре, што им создава проблеми и на капачите како да се искапат и на угостителите како да ги уредат плажите.
И Преспанското Езеро се соочува со драматично опаѓање на нивото на водата, со загрозување на биодиверзитетот и со сериозни знаци на еколошки колапс. Нивото на езерото драматично опаѓа, животинскиот и растителниот свет се доведени до истребување, а институциите – молчат.
Хидролошката состојба е најтешка за реката Вардар, но и за малите реки, кои од ден на ден сè повеќе наликуваат на поточиња. Водата во хидроакумулациите со кои стопанисува АД ЕСМ се штеди и во моментов тие се над 40 проценти во однос на нивната зафатнина
На Дојранското и на Преспанското Езеро им се заканува еколошка катастрофа. Мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека нашето најмало природно езеро, Дојранското, веќе цела година е со ниво на водата од околу 80 сантиметри под дозволениот минимум. Дека се празни езерото, видливо е по тоа што се повлекува водата. Ако до пред неколку години водата беше до кејот и шеталиштето, сега е десетина метри повнатре, што им создава проблеми и на капачите како да се искапат и на угостителите како да ги уредат плажите.
Дојранци се загрижени за состојбата со езерото и не сакаат да помислат на некои дамнешни времиња, кога личеше на бара. Во 2002 година беше решен проблемот откако од бунарите кај селото Ѓавато со десет пумпи се вадеше вода и се дотураше во езерото. Оттогаш, сè до пред три години, езерото доживеа преродба, но почнаа проблемите со пумпите. Некои се расипаа, а потоа беа исклучени поради неплатени сметки за потрошена електрична енергија. Лани, министерот за животна средина, Изет Меџити, замина во Дојран за да пушти три репарирани пумпи од десетте, но по еден месец, поради дотраеност, две престанаа да работат. Пред некој ден, се расипа и последната функционална пумпа и каналот по кој се слева водата во езерото остана сув и запуштен.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, вели дека состојбата со цевководот е загрижувачка. Вели дека во моментов не тече вода од цевководот во езерото и дека се намалува нивото на водата, но дека тоа се должи на испарувањето на водата. Тој апелира до надлежните да интервенираат и што побрзо да се пушти системот „Ѓавато“ во функција.
Од Владата и од Министерството за животна средина велат дека се информирани за состојбата со Дојранското Езеро и велат дека е потребна рехабилитација на системот, кој го опфаќа и каналот. Во тек е проект за одржливост на акумулацијата „Паљурци“, каде што се анализира и потребата од рехабилитација и обновување на хидросистемот „Дојранско Езеро“ и колку би чинело тоа.
И Преспанското Езеро се соочува со драматично опаѓање на нивото на водата, со загрозување на биодиверзитетот и со сериозни знаци на еколошки колапс. Нивото на езерото драматично опаѓа, животинскиот и растителниот свет се доведени до истребување, а институциите – молчат.
– Ова е време за итна акција, за научно засновани решенија и за борба за спас на езерото, кое е природен бисер од светско значење. Да потсетиме дека и Охридското Езеро е пред еколошка катастрофа ако не го зачуваме Преспанското – реагираат од Левица.
Реките како поточиња – акумулациите на минимум
Хидролошката состојба во Македонија во моментов е неповолна на трите природни езера, кои бележат пониски нивоа од просекот во овој период од годината, но најтешка е за малите реки, кои од ден на ден сè повеќе наликуваат на поточиња. Водата во хидроакумулациите со кои стопанисува АД ЕСМ се штеди и во моментов тие се над 40 проценти во однос на нивната зафатнина.
Реката Вардар, симболот кој ја краси Македонија и за кој се испеани многу песни, е сè погрда и погрда. Ова особено се однесува за нејзиниот тек низ Скопје. Во моментов, коритото е видливо поради нискиот водостој, бреговите се обраснати со грмушки, покрај кои има депонии од пластика, а низ загадената вода речиси и да нема жив свет. Чапји, корморани и по некој упорен рибар се надеваат дека ќе заплива некое рипче меѓу песочните острови, кои се видливи на неколку места во коритото на реката. Реката наликува на канализациска цевка. Да не се испустите од кои „блика“ отпадна вода, која ја прават скопјани, реката, можеби, и ќе пресуши, а и сега може да се помине пеш од едниот до другиот брег.
Нивото на реката Вардар и низ Велес е мошне ниско, двојно помалку од просекот. Во јули, нивото на водата беше помеѓу 24 и 26 сантиметри, а просекот за јули е 47 сантиметри. Водата во хидросистемот „Лисиче“, од кој со вода за пиење се снабдува Велес, е намалена за 12,8 проценти, а во вештачкото езеро „Младост“ – за 12 проценти.
Вештачките акумулации со кои стопанисува АД ЕСМ, исто така, се со ниско ниво на водата.
– Имаме многу сушен период зад нас. Акумулациите се над 40 проценти во однос на нивната вкупна зафатнина. Веќе два-три месеци е на сила штедењето вода во акумулациите за да ја заштитиме водата за зимскиот период, кога ќе има поголема потреба од производство на електрична енергија. Во јануари годинава бевме на ниво од само 5 проценти, сушата е дефинитивно предизвик со кој се справуваме, а тука е и обврската да се отстапи вода за наводнување на полињата. Но, и покрај тоа, успеавме да задржиме над 40 проценти од водата. Очекуваме да има врнежи и да се подобри состојбата – велат од АД ЕСМ.
НЕБЕЗБЕДНА ВОДАТА ВО ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ – Алармантни високи концентрации на амонијак кај Отовичка плажа, бродот „Панини“ и плажата Бела вода
Водата во езерото „Младост“ крај Велес е небезбедна за капење, рекреација и за наводнување, покажуваат најновите резултати од анализите на Центарот за јавно здравје – Велес, направени на 17 јули годинава.
– Водата е со лош квалитет, особено на мерните места Отовичка плажа, Брод Панини и Плажа Бела вода, каде што се забележани алармантно високи концентрации на амонијак – дури 50 пати над дозволеното, зголемена заматеност и повисоки нивоа на сатурација со кислород – се наведува во извештајот на велешкиот Центар за јавно здравје.
Оттаму појаснуваат дека микробиолошките параметри покажуваат добра оценка, но физичко-хемиските анализи ја рангираат водата меѓу третата и петтата класа.
– Што значи дека не ги исполнува условите за безбедно користење. Дополнително, на терен е забележана масовна појава на алги и густа биомаса со непријатна жолто-кафеава боја, која го покрива крајбрежјето – се потенцира во извештајот.
Стручњаците предупредуваат дека постои сериозен ризик од присуство на цијанобактерии и токсични супстанции (цијанотоксини), кои може да предизвикаат оштетувања на црниот дроб, нервниот систем и кожни реакции. Поради тоа, Центарот за јавно здравје веќе вторпат препорачува итно и специјализирано испитување за утврдување на нивното присуство.
Водата во езерото се загадува од отпадните води од околните населби, од кои дел сè уште не се приклучени на колекторскиот систем за пречистување.
(С. Бл.)