Хидросистемот „Ѓавато“ е во процес на санација и во најскоро време ќе биде целосно функционален и оперативен. Вакво уверување даде претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, откако со заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, на самото место ги утврди проблемите, кои со години попречувале системот да работи со полн капацитет.
– Голем дел од цевководите биле оштетени и нефункционални, што предизвикувало значителни загуби на вода. Веќе е пристапено кон санација на цевките и во наредниве денови ќе биде пуштена вода во нив, со што ќе се зголеми количината вода што се носи до резервоарот и понатаму – во Дојранското Езеро – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека од предвидениот капацитет на хидросистемот од 1.000 литри во секунда, моментално функционираат само две бунарски пумпи со капацитет од по 100 литри во секунда, додека другите не се во функција. Планот на Владата е во најскоро време да се оспособат уште четири пумпи, а потоа и дополнителни две, со што ќе се достигне целосниот капацитет на системот.
– Со тоа не само што ќе се подобри состојбата со Дојранското Езеро туку и ќе им се помогне и на земјоделците и на граѓаните во регионот, кои во одредени периоди од годината зависат од овој водовод – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе донесе одлука фабриката за опрема и делови во рамките на РЕК „Битола“ да ги демонтира и санира потребните пумпи во рок од десет дена.
Мицкоски најави и поставување соларни панели и батериски системи со вкупна моќност од околу два мегавата, со што ќе се намалат огромните месечни трошоци за електрична енергија, кои сега изнесуваат околу 200.000 евра. Според него, ова ќе значи заштеда од приближно 2,5 милиони евра годишно, пари што ќе се користат за одржување на хидросистемот.