На Црногорското Приморје секој капач добива по пет квадратни мети на плажа, односно простор од два на два и пол метри. Но, тоа е само просек, кој навидум не е мал, зашто го зголемува Велика плажа во Улцињ. На повеќето плажи, туристите се туткаат на само малку повеќе од еден квадратен метар, односно точно 1,2 квадратни метри или 1,5 метри на 80 сантиметри.
Причина за тоа што се чувствуваат капачите на плажа во Црна Гора како сардини во конзерва е претераната изградба, особено во приватниот сектор, со што бројот на туристички легла далеку го надминува бројот на места на плажа покрај приморјето. Конкретно, црногорските плажи може да сместат максимум 270.000 капачи истовремено, а на брегот има или се планира да има 450.000 кревети. Од друга страна, во шпиц-сезоната, на плажите дневно има и по околу половина милион капачи, ако се сметаат и оние што доаѓаат на еден ден, како и оние што имаат викенд- станови. Затоа авторите на новиот просторен план на државата предлагаат изградба на нови бетонски или песочни плажи, како и проширување и пополнување на постојните.
– Можно е да се формираат нови капалишта, особено во областите со зголемена побарувачка. Можно е да се постават соодветно обликувани ниски пловечки платформи како привремени решенија во областите со зголемена побарувачка за плажи и капалишта. Новите капалишта и елементи на плажа ќе бидат планирани преку подетални плански документи на копнената крајбрежна зона и преку други програмски документи подготвени од Јавното претпријатие одговорно за управување со морскиот ресурс – се наведува во упатствата на Просторниот план.
Недостигот на места на плажите е и причина за тоа што авторите на планот предлагаат да се ограничи изградбата на нови станбени згради и приватни станови на приморјето, а преостанатиот простор да се искористи за изградба на луксузни хотели, каде што има поголема јавна корист во споредба со приватните станови, пишува „Вијести“.
Новите капацитети, велат авторите на Просторниот план, се потребни во периодот на сезонското оптоварување, а новите плажи „освен во контекст на просторно планирање на развојот на квантитетот, треба да бидат уредени на таков начин што ќе обезбедат дополнителни услуги, пристап, сегментација на пазарот итн.“.
Но, во извештајот за стратешката оцена на влијанието врз животната средина е наведено дека не може тукутака да се градат нови плажи, ниту постојните да се полнат и прошируваат, па потребни се строги ограничувања за да не дојде до понатамошно опустошување на крајбрежјето. Меѓу другото, во тој извештај се поставува прашањето дали навистина има простор за планирање понатамошна изградба на капалишта и уништување на крајбрежната зона и се сугерира да се насочи вниманието кон подобрување на понудата на постојните урбани зони, вклучително и капалиштата.
Извештајот предупредува и на тоа дека новите туристички објекти нема да може да се класифицираат во категориите со 4 и со 5 ѕвездички или повеќе, бидејќи нема да може да ги исполнат потребните стандарди поврзани со обезбедувањето на потребната површина на плажа за капач.