Тензиите во Минесота дополнително ескалираа по фаталното пукање врз Алекс Прети во Минеаполис, а паралелните прес-конференции на државните и федералните функционери открија длабоки поделби околу спроведувањето на имиграциските закони и федералната одговорност.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, се обрати до јавноста, заедно со државниот обвинител Кит Елисон, велејќи дека државата е во, како што ја нарече, морална криза. Во емотивно обраќање, Волц ѝ постави директно прашање на јавноста: „На чија страна сте?“ Тој ги повика Американците да размислат дали да застанат на страната на федералната влада „која може да убива, повредува, заплашува и ги отстранува своите граѓани од улиците“ или на страната на Алекс Прети, болничар и мирен набљудувач на постапките на ICE.
Волц рече дека разговарал со родителите на Прети и изразил сочувство, пренесувајќи ја нивната слика за нивниот син како личност посветена на служење на другите. Тој потсети дека во Минесота, две лица беа убиени за краток временски период, Прети и Рене Гуд, и директно му се обрати на американскиот претседател со прашањето: „Кој е планот, Доналд Трамп? Кој е планот?“
Тој додаде дека граѓаните се уморни, но решителни, лути, но смирени и дека борбата сè уште трае.
Во исто време, посебна прес-конференција одржаа командантот на граничната патрола Грег Бовино и висок функционер на Службата за имиграција и царина (ICE) во Минеаполис, Маркос Чарлс.
Бовино изјави дека неодамнешните настани се резултат, како што рече, на провокативна реторика од некои политичари, лидери на заедницата и медиумите, кои ја споредуваат полицијата со Гестапо или зборуваат за киднапирања. Според него, ваквите пораки имаат конкретни последици на терен.
https://twitter.com/i/broadcasts/1lDGLBnMvkwxm
Маркос Чарлс изнесе сериозни обвинувања за насилство против федералните агенти, тврдејќи дека за време на немирите, демонстрантите собориле агент на ICE.
„Демонстрантот буквално му откинал дел од прстот. Полицаецот добил итна медицинска помош… овој вид насилство е неприфатлив“, рече Чарлс.
Како и Бовин, тој ги обвини локалните политичари, активисти и медиумите дека придонесуваат за хаос и страв наместо да ја смируваат ситуацијата. Тој нагласи дека ICE, работи на апсење на опасни нелегални криминалци со цел да ја заштити јавноста.
Белата куќа, исто така, се приклучи на дебатата, и во соопштение порача дека „хероите на ICE“ се оние кои ги отстрануваат опасните криминалци од улиците за да ги заштитат американските семејства.
Од друга страна, поранешниот американски претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама објавија силна изјава во која се вели дека убиството на Алекс Прети треба да биде „повик за будење за секој Американец“. Тие го критикуваа агресивниот пристап кон спроведувањето на имиграциските закони во Минесота и ја повикаа администрацијата на Доналд Трамп да го преиспита својот пристап.
Додека федералните и државните претставници испраќаат спротивставени пораки, Минесота останува сцена на растечки тензии, при што јавноста е поделена помеѓу барањата за безбедност и сè погласните повици за одговорност и ограничувања на овластувањата на федералните агенции.












