Штипска Апелација ја потврди пресудата на струмичкиот Основен суд и донесе правосилна пресуда во врска со водата за пиење во селата Рич, Попчево, Белотино, Костурино и Вељуса, а која Агенцијата за храна и ветеринарство ја прогласи за неисправна за пиење. Решението на судот го објави струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов, на „Фејсбук“, со зборовите „на лагата ѝ се кратки нозете“.

– Судот донесе правосилна пресуда со која го потврди она што го зборувавме цела година во врска со водата за пиење во Струмица. Агенцијата за храна и ветеринарство лажела цела година, предизвикувајќи страв и паника кај населението од општина Струмица за наводна неисправност на водата, иако водата е чиста, питка и биохемиски исправна. За ваквите лаги на АХВ, Општина Струмица и јас ќе поднесеме и кривична пријава до директорот на АХВ поради предизвикување на страв и паника кај населението кое иако имаше питка вода за пиење, му беше забранувано и беше плашено да не ја пие – напиша Костадинов на „Фејсбук“.

Во соопштението до медиумите од АХВ потенцираат дека Костадинов во фејсбук-статусот ја манипулира јавноста и свесно ја клевети Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) дека предизвикувала страв и паника кај струмичани, прогласувајќи ја водата за пиење за небезбедна.

– Едно свесно „заборави” да каже струмичкиот градоначалник за судската одлука чиј дел јавно објави, а тоа е дека таа воопшто не се однесува на проблемот со водоснабдувањето во градот Струмица од септември и октомври минатата година, кога поради небезбедност беше забранета за употреба водата од градскиот водоснабдителен систем со кој стопанисува јавното комунално претпријатие „Комуналец“– Струмица. Вистината која свесно ја скри струмичкиот градоначалник е дека судската одлука се однесува на обврската која ја има како прв човек на Општината да стопанисува со селската водоводна мрежа, со конкретната судска одлука, во селата Рич, Попчево, Белотино, Костирино и Вељуса – се наведува во реакцијата од АХВ.

Оттаму нагласуваат дека АХВ навреме реагираше на негрижата и противзаконското постапување на Костадинов и Општина Струмица.

–Тие се надлежни за стопанисување со водоводната селска мрежа во овие села за кои требаше да обезбеди вода за жителите и истата да ја дезинфицира, а тоа не го стори, ниту во 2023, ниту во почетокот на 2024 година. Тогаш од страна на надлежниот инспектор по спроведениот вонреден инспекциски надзор по добиеното известување од спроведената Мониторинг-програма на безбедноста на водата од Центарот за јавно здравје – Струмица, на 09.02.2024 година беше издадено решение за забрана за употреба на водата за пиење во овие 5 села  поради отсуство на резидуален хлор во водата (неизвршено дезинфицирање на водата) – велат од АХВ и објаснуваат дека иако било наредено да се изврши здолжително хлорирање на водата, Костадинов и Општина Струмица немаат постапено, по што АХВ на 26.02.2024 година, до Основниот суд во Струмица, поднела барање за поведување на прекршочна постапка.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ