Македонија ќе отвори две дополнителни ленти за излез на граничниот премин Богородица и уште една за влез на товарен сообраќај, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Со овој потег се очекува значително олеснување на метежот кој во летниот период е вообичаен, особено поради големиот број туристи од регионот кои патуваат кон Грција – најави Тошковски.
Тој на прес конференцијата со литванскиот колега рече дека за во иднина се планира товарниот сообраќај да се пренасочи преку посебен граничен премин, онака како што тоа во моментов го прави Грција.
Во летната туристичка сезона граничниот премин Богородица интензивно се користи од македонските но и од сите туристи од регионот кои патуваат во Грција поради што се случува за излез од земјава да се чека со часови.
Грчкиот Премиер Мицотакис веќе најави дека Грција ќе почне со целосно реновирање на граничниот премин Евзони за да овозможи побрз проток на патници и стока.