На бесплатно летување заминаа 140 ученици од Кисела Вода

17

Сто и четириесет ученици од основните училишта од Кисела Вода заминаа на седумдневно, целосно бесплатно летување во одморалиштето „Детски радости“ во Свети Стефан, Охрид. За нивните безбедност и убаво поминато време ќе се грижат наставници, аниматори, рекреатори, како и доктор, кој ќе внимава на нивното здравје.

– Овој проект, кој го започнавме, е значаен чекор кон унапредување на квалитетот на животот на децата од социјално ранливите категории. Станува збор за ученици од семејства што примаат социјална помош, еднородителски семејства или семејства со мали приходи. Со оваа мерка им овозможуваме еднакви можности и радости какви што имаат нивните врсници – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека Општината продолжува со искрениот ангажман за успешен развој на најмладите и со континуираното подобрување на нивното секојдневие.

– За новата учебна година, повторно обезбедивме ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња, додека сите основци ќе добијат и бесплатни униформи. Го продолжуваме и проектот за бесплатни часови по странски јазици, компјутерска технологија и спорт за децата од социјално ранливите категории – наведе Ѓорѓиевски.

 

 

ИЗДВОЕНИ