Државата повторно се задолжува дома. Од вчера, на Македонската берза котираат две државни обврзници во вкупна вредност од 2,8 милијарди денари (45,7 милиони евра). Министерството за финансии ги издало на 18 септември, едната ќе пристигне за наплата по две, а другата по 15 години.
Вредност на првата обврзница е 495.810.000 денари (над 8 милиони евра). Издадени се 49.581 обврзница. На потенцијалните домашни кредитори им носи камата од 3,75 насто. Достасува на 18 септември 2027 година.
Поголемата емисија со издадени 231.525 хартии од вредност е во вкупен износ од 2.315.250.000 денари (над 37,6 милиони евра). Датумот на достасување е 18 септември 2040 година, па поради тоа и каматата е повисока. На инвестираните средства ќе им се пресметува стапка од 5,1 процент.
Во двете емисии државните обврзници се без девизна клаузула и со номинална вредност од 10.000 денари.