Француските банки, потпирајќи се на построгите банкарски прописи, сега им забрануваат на бабите и на дедовците, како и на секој член на семејството што не живее во исто домаќинство со малолетното дете, директно да префрлаат пари на штедната сметка на детето. До 2021 година, доволно беше да се има ИБАН-број на сметката за да се изврши плаќање на неа, без разлика дали еднократно или трајно. Денес, банките строго го спроведуваат законот од 1969 година, принудувајќи ги бабите и дедовците да ги променат своите навики ако сакаат да ги поддржат заштедите на своите внуци.
Банкарските регулативи сега наложуваат многу построга постапка за секој трансфер на пари на популарниот финансискиот производ за деца „Ливрет А“, но и на другите штедни производи за малолетници. Сега, само сопственикот на сметката и неговиот законски застапник можат да го иницираат трансферот на средства. Сите трансакции мора да се вршат исклучиво меѓу финансискиот производ, на пример „Ливрет А“ и тековната сметка поврзана со него. Оваа разлика автоматски ги исклучува трансферите од трети страни, дури и кога тие се членови на семејството.
Целта на оваа забрана е да се спречи злоупотребата на сметките на малолетниците, како што се перењето пари и злоупотребата на ранливите лица. Со насочувањето на сите трансакции преку законски застапник, се постигнува целосна транспарентност и полесна контрола. Исто така, дополнително се регулираат сложените семејни ситуации како што се разводот и наследните спорови. Но, оваа новина ги менува семејните обичаи за родендени или за посебни настани, кога бабите и дедовците обично уплаќаа пари директно на сметките на своите внуци. Сега тие треба да ги префрлат парите на сметката на родителите, со забелешка дека сумата е наменета за заштедата на малолетникот. Родителите можат да издадат потврда за прием на пари, што е дополнителна заштита во случај на даночна или административна ревизија.
Обидот за заобиколување на забраната носи ризици. Банката може да ја одбие трансакцијата или да пријави неправилност. Во посериозни случаи, може да бидат изречени административни или даночни казни. Оваа контрола, исто така, ги штити децата од идни спорови околу сопственоста на средствата.